Сигурдсон и Гумерзбах продолжуваат заедно

Photo: VFL Gummersbach

Екипата на Гумерзбах е синоним за традиција во германскиот ракомет. Тие се вториот најуспешен клуб во историјата на Бундеслигата со 12 освоени шампионски пехари. Единствено Кил со 23 пехари е пред нив. Лигата на шампионите ја имаат освоено пет пати, неколкукратни победници се на некогашните КПК и ЕХФ Куп.
Нивниот дрес го носеле ракометни легенди како Жокаим Декарм и Хајнер Бранд, а од поновата историја Кјун Шин Јон, Штефан Кречмар, Патрик Винцек, Даниел Нарсис се до сегашните ѕвезди како Јулијан Костер, Доминик Кузмановиќ, Алекс Душебаев...

Гумерзбах својата слава ја градеше цели три децениии, од средината на шеесетите до 1991 кога последен пат ја освои Бундеслигата.
Потоа следуваше период во кој клубот беше просечен тим со пласмани најчесто под 10 место. Кам бек имаше на почетокот на 2000 и во 2006 го освои третото место, по 13 години играше одново во Европа и го освои ЕХФ Куп во 2009.
Сметката за нерантабилно работење стигна истата година кога поради долг од 2 милиони евра ја загуби лиценцата. Фановите и спонзорите, сепак, собраа пари да го отплатат долгот и да ја добијат лиценцата.

Во следните години клубот беше подпросекот и конечно во 2018/19 година клубот испадна од Бундеслигата и беше прекината најдолгата традиција – единствен клуб што играл во сите сезони во Бундеслигата од нејзиното формирање.

Во 2020 за тренер беше поставен Гудјон Валур Сигурдсон кој директно од теренот се пресели на клупата. Под негово водство Гумерзбах се врати во најсилната лига. Беше 10, 6, па 7 место, за конечно ланската сезона одново да експлодира и директно да учествува во битката за шампионски пехар.
На крајот заврши на четвртото место, но со играта под водство на Сигурдсон и резултатите стана хит во Бундеслигата.

Тоа веднаш ги привлече поголемите риби. Кил им го зема бекот Јулијан Костер, Магдебург им го зема голманот Доминик Кузмановиќ. Доведоа звучни засилувања. Игнасио Биоска ќе го чува голот, а потпишаа и Алекс Душебаев, Никола Рогановиќ и Гардар Синдарсон.
Но, остана отворено прашањето за тренер. Сигурдсон почна да добива понуди и целиот нивни проект уште еднаш застана на стклени нозе.

Денеска клубот ги израдува своите фанови. Гудјон Валур Сигурдсон ги одби сите понуди и потпиша продолжување на договорот до 2029. Гумерзбах си ја зачува сигурноста и ќе продолжи да пишува историја.