Томовски одличен, но Кил беше пресилен

Македонскиот репрезентативец Мартин Томовски имаше уште една забележителна партија во дресот на екипата на Битигхајм, повратникот во најсилната светска лига – Бундеслигата.
Во второто коло од Бундеслигата, Битигхајм го пречека тимот на Кил, најуспешниот тим во лигата. Натпреварот заврши со победа на гостите од 36-28, а македонскиот голман на овој меч имаше 13 одбрани. Мартин Томовски беше двигател на одличниот старт на Бтигхајм и во првите 12 минути имаше 4 одбрани, а неговиот тим имаше водство од 9-5, 11-7...
Потоа почнаа да се разигруваат ѕвездите на Кил. Макуц постигна четири гола за краток период, Волф го замени Варгас и веднаш нанижа четири одбрани и резултатот се сврте во полза на Кил.

Мартин Томовски сега има вкупно 28 одбрани во првенството и е на првото место по бројот на одбранети удари во Бундеслигата. Зад него со четири одбрани помалку е Андреас Волф кој денеска запиша девет интервенции. Следат Давид Шпет од РНЛ со 23 одбрани, Криштоф Паласиц од Мелсунген со 21, а во Топ 5 е уште и Данецот Симон Гаде од Хановер кој на два натпревари запиша вкупно 19 одбрани.