Резиме и резултати од првото коло во Лигата на шампионите

Стартуваше новата сезона во машка Лига на шампиони и според резултатите остварени во првото коло, можеме да очекуваме многу непредвидливи резултати во наредните натпревари, осбено во групата „Б“ која за македонските фанови е најинтересната поради настапот на РК Вардар 1961.

И покрај тесните резултати на неколку натпревари, во првото коло во суштина немаше неочекувана победа. Топ фаворитите за Ф4, а тоа се Барса, Веспрем, Магдебург и Берлин извојуваа лесни победи, а беа одбележани со одлични настапи на новиот играч Емил Нилсен (14 одбрани) во победата на Веспрем над Порто, компактноста на Барса, рапсодијата (9 гола) на Матијас Гидсел против Партизан, дебито на Владислав Кулеш за црно-белите, 20 комбинирани голови на браќата Мартим и Кико Кошта на мечот со ГОГ...

Добро минаа и екипите што на хартија се во вториот ешалон кандидати за Ф4, а тоа се ПСЖ, Алборг, Келце, Пик Сегед и Спортинг, следени од Висла, Нант, Монпеље.
Разочарувачки, во првиото коло би го подвлекле настапот на норвешкиот Колстад (-15 против Магдебург), очекувавме повеќе и од Партизан и од ГОГ, а и од Келце кој иако победи воопшто не беше убедлив против дебитантот од Швајцарија, Криенс Луцерн.

Македонскиот Вардар 1961 во ова неофицијално рангирање е меѓу екипите кои важат за тимови кои би можеле да се вмешаат во битката за првите две места во групата, но никој нема да биде многу изненаден и ако завршат како трето или четвртопласирани во групата, во зависност од конкуренцијата.

Вардар 1961 одигра сосема солиден меч во Германија и малку му недостасуваше да режира драматична завршница за бод или два. Мелсунген овој пат беше подобар, но прикажаното на македонскиот тим е најдобрата покана за фановите на Вардар да дојдат во среда во салата „Јане Сандански“ на натпреварот од второто коло со Нант. Ако биде тимот на слично ниво и ако му се вратат некои од повредените ракометари, тогаш освојувањето на бодовите против вториот по сила француски тим, нема да биде изненадување.

ГРУПА А
Веспрем – Порто 36:28
Партизан – Фуксе Берлин 33:44
ГРУПА Б
Нант – Висла Плоцк 26:25
Мелсунген – Вардар 1961 33:31
ГРУПА Ц
Aлборг – Пари Сен Жермен 33:33
Загреб – Цеље 31:29
ГРУПА Д
ПИК Сегед – Кристијанстад 42:31
Спортинг – ГОГ 43:33
ГРУПА Е
Барсa – Архус 39:28
Динамо Букурешт – Монпелје 23:27
ГРУПА Ф
Килце – Криенс-Луцерн 30:29
Магдебург – Колстад 37:22