Се приближува Европското првенство во женски ракомет, кое во декември за првпат во историјата ќе биде организирано во пет држави. Ќе учествува и Македонија, а нашата репрезентација ќе игра во групата „Б“ во романскиот град Клуж. Покрај домаќинот Романија, противници на Македонија ќе бидат и репрезентациите на Норвешка и Швајцарија. По Прелиминарната рунда, две репрезентации од групата ќе го продолжат натпреварувањето.
За македонската репрезентација да го дочека ЕП добро подготвена, Ракометната федерација на Македонија ќе го искористи првиот слободен термин во календарот на Европската ракометна федерација за организација на силен меѓународен турнир во Охрид.
Турнирот има своја традиција и е наречен „Трофеј Македонија“, а оваа година ќе се одржи на крајот од месецов. Покрај Македонија, во Охрид ќе настапат и репрезентациите на Хрватска, Црна Гора и Србија.
Македонската репрезентација од неодамна има и нов селектор, а тоа е црногорскиот стратег Игор Марковиќ. За првата фаза од подготовките за ЕП и настапот на „Трофеј Македонија“, Марковиќ селектираше 20 ракометарки.
Меѓу нив се 16 интернационалки, а во составот се враќаат и искусните ракометарки Сара Ристовска и Моника Јанеска Килдан.
Првиот собир е закажан за 21 септември во Скопје, по што подготовките ќе продолжат во Охрид.