-
16.9.2026
-
Македонски ракомет
Попладнево со почеток во 18:45 часот, екипата на Вардар 1961 ќе го одигра својот втор натпревар од годинешната сезона во Лигата на шампионите, прв на домашен терен. Противник на македонскиот шампион е вицепрвакот на Франција, екипата на Нант.
За екипата на Вардар 1961 денешниот натпревар е 171 во Лигата на шампионите, а тековната сезона е 17 во која Вардар игра во елитното клупско натпреварување на ЕХФ. Најголемите успеси ги оствари во периодот од 2017 до 2019 кога двапати беше европски првак и уште еднаш настапи на Ф4 турнирот во Келн.
Денешниот противник, нема толку успешни остварувања зад себе. Најголемите успеси во Лигата на шампионите се трите пласмани на Ф4 меѓу кои е и настап во финалето во 2018 година.
Нант во Скопје доаѓа во улога на фаворит имајќи ја предвид нивната константност и раст, особено во последната деценија. Формиран е во 1953 година, но големиот подем започнува во 2005 година, кога влезе во втората француска лига. Од сезоната 2008/09 е постојан член на најсилната француска лига. Од 2011 година, редовно настапува во европските купови.
Еден од ракометарите кои оставија голема трага во последната деценија во екипата на Нант е македонската ракометна легенда Кирил Лазаров кој беше дел од Нант во периодот од 2017 до 2022 и таму ја заврши ракометната кариера.
Оваа сезона, според официјалните информации, Нант ќе има буџет од 12,47 милиони евра што е огромна разлика во споредба со буџетот на Вардар 1961. Но, мора да се напомене дека од овој буџет, само околу 37% или 4.65 милиони се наменети за платите на ракометарите и тренерскиот кадар. Имајќи го ова во предвид, разликата драстично се намалува, иако и натаму е голема.
Од играчкиот дел, екипата на Нант оваа сезона е помалку воиграна и на хартија за нијанси послаба од минатата сезоната. Ова, пак, се должи на заминувањето на тројца многу важни ракометари кои се тешко заменливи. Тоа се Ајмерик Мин кој замина во Флензбург, Жилиен Бос кој го засили Келце и уште една ракометна легенда која кариерата ја заврши во Нант, шпанското крило Валеро Ривера.
Од играчите кои летово заминаа од Нант, во Македонија дојде пикерот Шуичи Јошида кој сега настапува за екипата на ГРК Охрид.
Нант ангажираше соодветни замени и пристигнаа квалитетни ракометари кои играа во познати клубови. Меѓу нив има и еден ракометар кој има тесни врски со Македонија. Тоа е Игор Турченко, син на некогашниот познат ракометар на Младост Богданци, Сергеј Турченко. Украинскиот бек може да биде особено корисен на стартот на сезоната во периодот кога нивниот најдобар играч, Тибо Брие се уште не е целосно фит по повредата заработена во подготовките.
Тренер на екипата е Греогори Кожан. Тој како тренер во клубот работи повеќе од 20 години, а од јули 2022 го наследи шпанскиот ас Алберто Ентрериос како тренер на првата екипа.
Натпреварот почнува во 18:45 минути. Ќе се игра во салата „Јане Сандански“, а Вардар 1961 за своите фанови ќе организира и забава на платото пред салата, настан исполнет со музика и забавни активности.
Натпреварот ќе биде директно пренесуван на ТВ Арена М2 и на ТВ Арена Спорт 2.
ТРАНСФЕРИ НА НАНТ 2026/2027
Дојдоа:
Виктор Норлик (среден бек, Морс Ту)
Рене Антонсен (пивот, Алборг)
Имањол Гарсиандија (десен бек, Пик Сегед)
Игор Турченко (лев бек, Лимож)
Лука Периќ (десно крило, Целје)
Кристофер Бонде (голман, Скјерн)
Заминаа:
Шуичи Јошида (пивот, Охрид)
Игнасио Биоска (голман, Гумерзбах)
Жилиен Бос (десен бек, Келце)
Ајмерик Мин (среден бек, Флензбург)
Тео Авеланж (десно крило, Тромбле)
Валеро Ривера (десно крило, пензија)