Познати составите: Вардар со поголеми проблеми, Нант без Лагард

Тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ и тренерот на Нант, Грегори Кожан ги објавија составите на екипите со кои вечерва ќе се обидат да освојат бодови во второто коло од Лигата на шампионите, на натпревар што ќе се игра во салата „Јане Сандански“ со почеток во 18:45 часот.

Иван Чупиќ има поголеми проблеми со составување на екипата, па денеска Вардар 1961 со 15 ракометари ќе го игра натпреварот.
Недостасуваат суспендираниот Урош Митровиќ, повредените Милан Бомаштар, Милан Лазаревски и Марио Стојановски, а не се оствари ниту оптимистичкото сценарио за враќање на терен и на бразилскиот бек Педро да Силва.

Нема да биде комплетен ниту тимот на Нант, иако во составот се вратија голманот Иван Пешиќ и бекот Тибо Брие. Од позвучните имиња во тимот, тренерот Грегори Кожан нема да може да смета на Роман Лагард. Тој имаше голема семејна трагедија и сѐ уште не е вратен назад во екипата.