БОНДЕ ГО ЗАПРЕ ВАРДАР: Нант во последните секунди до победа во Скопје!

ВАРДАР 1961 – НАНТ 32-33 (15-16)
Вардар 1961: Гогов, Валах, Абделхак 10, Малус 6, Воркапиќ 5, Љевар 5, Фадуил 5, Кеита 1, Георгиевски, Поповски, Нечовски, Тузолана, Анастасовски, Ѓорчески, Јанковски
Нант: Бонде, Пешиќ, Леополд 13, Тарафета 4, Турна 4, Гарсиандија 3, Бриет 2, Пејрабу 2, Турченко 1, Антонсен 1, Периќ 1, Абди 1, Одриозола 1, Норлик, Овничек, Габер

Вардар 1961 е поразен и на вториот натпревар во Лигата на шампионите. Вечерва во Скопје, екипата на Нант беше поуспешна и ги однесе бодовите.
Вардар беше блиску до победа, практично имаше еден бод во џеб, а вториот беше веќе сервиран, но Кристофер Бонде му одбрани чист зицер на Јака Малус во последната минута. Потоа, Нант реализираше пенал за водство, а на Вардар одново му беше сервиран бод на тацна, но повторно Бонде одбрани зицер на Јака Малус и натпреварот заврши со резултат 33-32.

Премиерата на Лига на шампионите во Скопје по неколкугодишна пауза беше одбележана со полна сала и амбиент каков што ретко може да се види на ракометен натпревар во Европа, а од друга страна е типичен за Македонија.
Вардар 1961 со неколку изостаноци поради повреди и суспензија што многу ја скратија клупата, но мотивираност на највисоко ниво, носен од публиката и двете воведни интервенции на голманот Васил Гогов одлично го отвори мечот и поведе 3-0.

Нант покажа дека е тим што знае како да игра под притисок и не дозволи серијата на Вардар 1961 да земе замав. Успеа брзо да се консолидира, намали на 2-3, потоа израмни на 5-5, а по 12 минути игра го презема водството (9-8). Гостинската серија не запре тука, туку продолжи до водство од 12-8.
Тоа што требаше да биде најсилното оружје на Нант – долгата клупа и можноста за ротации, на теренот стана нивна слабост. Кога Грегори Кожан почна да ги менува играчите, зачестија и грешките и неискористените шутеви. Тука во еден мал период предничеше Игор Турченко, а Вардар го искористи моментот и се врати резултатски во игра. Намалија на 11-12 домашните ракометари пред и самите да влезат во лош период и Нант одново да дојде до водство од 15-11.
Финишот на првиот дел му припадна на Вардар кој успеа да направи серија од 4-1 и на одмор се замина со резултат 15-16.

Тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ го одигра својот џокер во вториот дел. Вардар цело второ полувреме го напаѓаше противничкиот гол со четири бека и без пивот во теренот. Имајќи предвид дека тоа беа практично сите бекови што ги користеше Чупиќ на средбата, ризикот од замор беше значително зголемен, но го издржаа ритамот што го наметнаа домашните, барем што се однесува на играта во нападот.

Нант немаше одговор за ваквата игра на Вардар. Особено се истакна Мохаб Абделхаб кој постигна 10 гола. Но, гостите, пак, успешно комбинираа во нападот, па мечот влезе во ритам на игра – гол за гол. Тоа траеше повеќе од 15 минути, а први што имаа шанса да го прекршат резултатот во своја корист беа гостите. Поведоа со 26-24 и имаа напад за плус три, но одново во период на ротација почнаа да грешат и Вардар брзо се врати во игра. Потоа следуваше и второто исклучување за Тибо Брие, а во периодот додека тој беше на клупа Нант играше без голман. Направија две грешки, примија два гола на празен гол и Вардар во 52 минута водеше со 29-27.
Нант одново покажа ладнокрвност, особено швајцарското крило Леополд Ноа кој безгрешно ги реализираше сите седмерци и мечот го заврши со 13 постигнати голови.

Нант израмни, но Вардар го контролираше резултатот се до последната минута кога при резултат 32-32 Јака Малус не реализираше чист зицер. Нант рано тргна по реализација и изнуди седмерец што Ноа го реализираше за водство од 33-32. Вардар имаше на располагање уште 15-тина секунди, успеа да искреира празен простор за нов зицер, но одново победник од дуелот еден на еден со Јака Малус беше голманот Кристофер Бонде и мечот заврши со победа на Нант од 33-32.

Двата пораза од кои едниот на домашен терен од директен ривал, значително ги намали шансите на Вардар 1961 за пласман во следната рунда. Но, ЛШ само што почна, ќе има уште многу шанси за Вардар 1961 да ја исполни примарната цел.