Барса го совлада Монпеље (28-27) во дерби натпреварот од второто коло во Лигата на шампионите. Со оваа победа е комплетирано импресивното остварување на Барса – една година без пораз во сите натпреварувања, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите. Последен пат Барса беше поразена на 18 септември 2025 година од екипата на Магдебург.
Норвешкиот десен бек Кент Робин Тонесен ќе замине од екипата на Флензбург на крајот од сезоната, потврди бундеслигашкиот клуб. Во Флензбург следната сезона доаѓаат Франциско Кошта и Виго Кристијансон на десната бековска позиција, па норвешкиот ас, кој досега има играно и за екипите на Берлин, Пик Сегед, ПСЖ и Веспрем, ќе биде во потрага по нов клуб.
Српското крило Немања Илиќ потпиша нов четиригодишен договор со екипата на Тулуз и мошне е веројатно дека таму и ќе ја заврши кариерата, со оглед на тоа дека неодамна наполни 36 години. Новиот договор на Илиќ со Тулуз ќе биде важечки до 2030 година, што значи дека тој би останал во клубот цели 17 сезони!
Германскиот весник „Билд“ открива и финансиски детали околу можниот трансфер на германскиот репрезентативец Јуриј Кнор од Алборг во Пари Сен Жермен. Според неофицијалните информации, Јуриј Кнор би требало да премине во ПСЖ следното лето, една година пред истекот на договорот со Алборг. За трансферот, ПСЖ би требало да издвои најмалку 250.000 евра за отштета.
Данскиот клуб Рибе-Ебјерг го продолжи договорот со шведскиот репрезентативец Карл Валиниус до летото 2029 година. Валиниус во клубот пристигна во ноември 2024 година од Кил, кој имаше опција да го врати играчот, но не ја активираше повратната клаузула во договорот.