Томовски во форма, Барса спрема трансфер бомба

Photo: IHF/International Handball Federation

Томовски со 12 одбрани, останува втор меѓу голманите во Бундеслигата

Македонскиот репрезентативец Мартин Томовски имаше 12 одбрани во викенд-колото во Бундеслигата, на натпреварот меѓу Битигхајм и Хановер.
Победија гостите од Хановер (31-29) и му го нанесоа четвртиот пораз од пет одиграни натпревари на Битигхајм.
Мартин Томовски останува на второто место на ранг-листата на голманите во Бундеслигата со 53 одбрани на пет натпревари. Тој е зад Давид Шпет од РНЛ, кој има 64 одбрани, а пред Андреас Волф од Кил и Матија Шпикиќ од Ајзенах, кои имаат по 40 успешни интервенции.

Барса го носи Хуго Брајан Монте
Шпанскиот спортски весник „Ел Мундо“ ја откри трансфер-бомбата што Барса планира да ја активира следното лето.
Еден ден откако Барса гостуваше кај Монпеље, „Ел Мундо“ објави ексклузивна вест дека бразилскиот бек Хуго Брајан Монте (23) ќе биде нов ракометар на Барса од сезоната 2027/28.
Брајан Монте во моментов е ракометар на Монпеље, а против Барса постигна три гола од шест обиди на натпреварот што Монпеље минимално го загуби (27-28).

Дубочица може да биде противник на Алкалоид или Охрид
Екипата на Дубочица, член на Регионалната лига (РР-лига), во која играат екипи од Македонија, Србија и Црна Гора, е творец на најголемото изненадување во ЕХФ Европскиот куп во првото коло, откако го елиминираше фаворизираниот тим на Алпла Хард од Австрија.
Дубочица на првиот натпревар во Лесковац славеше со 34-33, но победи и на гости во Австрија (34-32) и така стана потенцијален противник на Алкалоид и Охрид за второто коло.
Екипата на Будванска ривиера, исто така член на РР-лигата, е елиминирана од грчкиот тим Драма.

Јапонија победнички стартуваше на Азиските игри
Противникот на Македонија на СП, Јапонија, победнички стартуваше на Азиските игри, на кои тие се и домаќини.
Јапонија ја совлада Кина (31-27), која на овој шампионат е предводена од поранешниот селектор на Македонија, Драган Ѓукиќ. Организаторот на играта Даисуке Танака (3) беше најголемиот проблем за Драган Ѓукиќ, иако повеќе голови од него постигнаа левиот бек Јошино (7) и левото крило Сугиока.