Од историја до разделба: Стојановиќ веќе не е тренер на Ајдовшчина

Македонскиот тренер Раде Стојановиќ нема да ја води екипата на Ајдовшчина во продолжението на сезоната. Неговиот довчерашен клуб го официјализираше прекинот на соработката и му се заблагодари на Стојановиќ за досегашната соработка.

А во досегашната соработка на Стојановиќ со Ајдовшчина е запишан најголемиот успех на клубот во неговата понова историја. Под диригентската палка на македонскиот тренер Ајдовшчина минатата сезона стана шампион на 1. Б словенечка лига и обезбеди пласман во најсилната словенечка лига, по речиси 30 години.
По историскиот успех, следуваше поголема летна реконструкција на екипата од која заминаа неколку квалитетни ракометари меѓу кои и македонскиот интернационалец Михаил Иваноски. Почетокот на сезоната во елитата со значително изменетиот состав и покрај неколку натпревари за кои добија комплименти од медиумите, донесе четири порази, а сега и разделба со тренерот.