„Трофеј Македонија“ почнува со регионален ракометен спектакл во Охрид

Денеска:
16:00  Хрватска - Црна Гора

18:00  Македонија - Србија 

Денеска почнува турнирот за репрезентации, Трофеј Македонија, второ издание откако беше обновен. Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска ќе учествуваат на турнирот што се одржува во Охрид, а во чии рамки е предвиден и Женски ракометен форум на кој панелисти ќе бидат пет познати личности. Турнирот ќе биде пренесуван на ТВ Арена Македонија.
Денеска беше одржана и прес-конференција на која претставниците на сите репрезентации зборуваа за очекувањата во претстојните три дена.
Учесниците ја пофалија идејата за регионално собирање на националните селекции, дури имаше и идеја ова да прерасне во традиционално собирање, со различни домаќини.
Новиот селектор на Македонија, Игор Марковиќ, најави поинаков стил на игра на Македонија, игра во која ќе доминира транзицијата, а посебно внимание ќе биде посветено на играта 7 на 6.

ИГОР МАРКОВИЌ (МАКЕДОНИЈА)

„Чест ми е што сум во вакво друштво на тренери. Имавме малку време да се спремиме, но работевме на борбеност и тактика. Дека ќе го покажеме максимумот овде сигурно нема, но ќе видиме многу работи од кои ќе извлечеме корист.
Сакам да играме брз ракомет и ќе тежиме кон тоа. Немаме висина за одбрана 6-0 и ќе мораме да играме со многу трчање. Сакам да играме и 7 на 6 и ако успееме да го оствариме тоа, ќе бидам многу задоволен.“

ДРАГАНА ЦВИЈИЌ (СРБИЈА)
„Чест ми е што можам да бидам со вас и да ја претставувам мојата земја. Овде сме со подмладена репрезентација што ќе биде голем предизвик и можност да видиме каде сме. Турнирот е силен, добри репрезентации и ќе биде убава можност за подготовка.“

СУЗАНА ЛАЗОВИЌ (ЦРНА ГОРА)
„Слична е приказната за сите екипи. Убаво е што можеме да се собереме, имаме млад тим што конкурираат за првиот тим. На овој турнир ќе добијат шанса да покажат што можат и што треба да работат во иднина.“

ИВИЦА ОБРВАН (ХРВАТСКА)
„Мило ми што повторно гледам луѓе што ги познавам од времето кога работев во Македонија. Ростерите на сите екипи не се големи, изборите ни се намалени. Доаѓаме со комбиниран тим, тоа што го имаме како најдобро. Имаме и јуниорки и сениорки и ќе гледаме да извлечеме што поголема корист од турнирот. Ќе ни послужи пред ЕП да провериме до каде сме со подготовките и која девојка колку е спремна.“