Драма до последните секунди: Црна Гора и Хрватска ремизираа во Охрид

ЦРНА ГОРА – ХРВАТСКА 20-20 (11-10)

Второто издание на обновениот турнир „Трофеј Македонија“ стартуваше денеска, а први на теренот во салата „Билјанини извори“ во Охрид истрчаа репрезентациите на Црна Гора и Хрватска.

Интересен и резултатски рамноправен натпревар одиграа овие две репрезентации, а мечот заврши со поделба на бодовите.

По израмнетиот почеток, избраничките на црногорскиот селектор Сузана Лазовиќ во еден период од полувремето ја преземаа контролата и поведоа со четири гола разлика, 9-5 и 10-6. По тајм-аутот на селекторот на Хрватска, Ивица Обрван, неговите ракометарки почнаа да играат подобро, направија мини-серија од 3-0 и до крајот на полувремето остана само минималната предност на Црна Гора (11-10).

По пет минути игра во вториот дел, Хрватска стигна и до израмнување (12-12), а првото водство го имаа десетина минути подоцна (15-14). На шест и пол минути до крајот на мечот, Сузана Лазовиќ побара тајм-аут, откако Хрватска поведе со 17-16 и притоа промаши зицер за прво водство од два гола разлика.

Гол за гол се играше до крајот. Црна Гора својата шанса да го диктира резултатот ја пропушти откако промаши седмерец за водство, па Хрватска до крајот ги имаше „белите“ фигури.

Во последната минута напаѓаше Хрватска при резултат 19-19, изнуди пенал и постигна гол за водство, но Црногорките успеаја да погодат во последните секунди и да се изборат за нерешен резултат.