Ризоска: Добро одигравме, зошто и да не го освоиме турнирот?

Македонија запиша победа на стартот на „Трофеј Македонија“, а Емилијана Ризоска беше една од најдобрите ракометарки на теренот. Постигна четири гола, некои од нив во моменти кога Македонија ја градеше клучната предност.
По натпреварот, Ризоска ги сумираше впечатоците и кратко ја коментираше средбата.

„Сакам да им се заблагодарам на противникот за фер и коректниот натпревар, а на мојата екипа да ѝ честитам за победата. Одигравме според договореното, сѐ што ни беше зададено како задача од страна на селекторот го реализиравме.
Со новиот селектор имавме само три тренинзи и разработуваме нов систем, но мислам дека добро се подготвивме за овој натпревар. Најголем акцент ставивме на одбраната, бевме борбени, агресивни и се бодревме и мислам дека таа задача одлично ја завршивме. Сите сакаме да се покажеме во најдобро светло, затоа што веќе сме во фаза на подготовки за Европското првенство, а зошто и да не го освоиме овој турнир“, изјави Ризоска.