ВЕСТИ: Мандалиниќ има нов клуб, стартуваше СП за клубови...

Фото: РК Извиѓач Аграм

Репрезентацијата на Катар го совлада тимот на Јапонија со 37-28 во групната фаза на Азискиот шампионат што се одржува во Нагоја. Со тоа Катар го освои првото место во групата и од најдобра позиција ќе стартува во 1/4-финалето.
Бахреин, противникот на Македонија на СП, го освои првото место во другата група, откако денеска го совлада тимот на Кувајт со 28-25.

Поранешниот ракометар на Е. Пелистер и бивш репрезентативец на Хрватска, Стипе Мандалиниќ, направи изненадувачки трансфер. Тој во продолжението на сезоната ќе ги брани боите на Извиѓач од БиХ, со кој ќе настапува и во ЕХФ Европската лига.

Стартуваше Светското првенство за клубови, што се одржува во Египет. Во елиминациската фаза екипите на Веспрем и Замалек забележаа очекувани победи над Сиднеј и Лос Анџелес и се пласираа во групната фаза. Сиднеј и Лос Анџелес, пак, играа меч за 9/10. место, а победата им припадна на ракометарите на Лос Анџелес (28-17).

Шведското десно крило Валтер Кринц е новото засилување за данскиот тим Хој Елит, екипа што привлекува големо медиумско внимание иако игра во Втората лига. Валтер Кринц важеше за еден од најголемите шведски таленти, но повредите го диктираа правецот по кој одеше неговата кариера. Тој нема одиграно натпревар од 2024 година, а и во моментов се рехабилитира од повреда на грбот.