Прв пораз за Македонија, Црна Гора славеше во Охрид

МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА 23-29 (9-15)
Македонија: Петковска, Илиќ, Гакидова, Коларовска 2, Гугуљанова 3, Џатевска 1, Младеновска, Јанкуловска, Кипријановска, Седлоска, Арсениевска, Ристовска 8, Миленковска, Јаневска 4, Ризоска 1, Беровиќ 3, Стефаноска, Коцева, Дамјановска, Гошевска

Репрезентацијата на Црна Гора ѝ го нанесе првиот пораз на Македонија на турнирот во Охрид. Попладнево во второто коло од „Трофеј Македонија“, Црна Гора запиша победа над македонскиот состав и утре против Србија ќе игра меч кој може да биде пресуден за освојување на победничкиот пехар.

Црногорскиот тим одигра одлична одбрана која ѝ направи многу проблеми на македонската селекција. Добро се движеа, покриваа и се надополнуваа избраничките на Сузана Лазовиќ, а додадена вредност им беше и голманот Марија Марсениќ, која првото полувреме го заврши со 10 одбранети удари.

Македонскиот тим не реализираше неколку напади и беше во негатива од почетокот на натпреварот. По 12 минути игра беше 4-5, но по овој период Црна Гора почна да ја материјализира својата игра во одбраната. Пет минути подоцна, Марсениќ имаше 67 насто одбранети удари, на семафорот беше 3-8 и селекторот на Македонија, Игор Марковиќ, побара тајм-аут.

Потоа Македонија почна да игра 7 на 6, а промената на напаѓачката стратегија донесе мало помрднување напред на работите во нападот, но немаше преголем ефект. Техничките грешки и промашените удари продолжија, а тоа се врати и со неколку примени голови на празна мрежа и на полувреме резултатот беше 9-15.

На почетокот на вториот дел, Моника Јанеска Килдан презеде поголема одговорност и со два погодока по ред намали на 11-15. Јанеска погоди уште двапати до 42. минута, а резултатската разлика остана на четири гола (16-20).
Но, следеше серија од 6-2 за црногорскиот тим и водството стигна до максимални осум гола (26-18) во 50. минута од натпреварот.

Пех за македонската репрезентација се случи во 54. минута од натпреварот, кога Ана Марија Коларовска при доскок го превитка зглобот на ногата и мораше да биде изнесена од теренот.

Црна Гора без проблеми ја задржа разликата, а за одбележување од македонскиот тим е и настапот на Таида Беровиќ, која за малата минутажа што ја имаше во финишот на натпреварот постигна три гола и се прикажа во сосема добро светло.

Утре во Охрид, во рамките на турнирот, е закажана панел-дискусија „Женски ракометен форум“. Настанот ќе почне во 11:00 часот во салата „Билјанини извори“, а влезот ќе биде слободен. Потоа продолжува ракометната програма. Во терминот од 17:00 часот ќе играат Црна Гора и Србија, а во 19:00 часот ќе се сретнат Македонија и Хрватска.