Црногорската репрезентација одигра добар меч, беше одлична во одбраната и заслужено ги освои бодовите, со кои дојде во добра позиција и да го освои турнирот доколку денеска ја совлада Србија со доволно висока разлика. Селекторот на Македонија, Игор Марковиќ, го запиша првиот пораз, од кој може да извлече многу поуки.
„Направивме доста грешки кои не смееме да ги правиме. Во првото полувреме не го исполнивме она што го договоривме, а згора на сè, примивме четири погодоци на празен гол. Промашивме голем број зицери, но вистина е дека сме краток период заедно, па во октомври ќе мора максимално да се посветиме на сите детали и да пробаме да бидеме подготвени за ноември.
Сигурен сум дека имаме потенцијал да играме „седум на шест“, а и самите ракометарки веруваат во тоа. Нема да се откажам од таа идеја. Мислам дека веќе во октомври ќе бидеме на подобро ниво и ќе имаме повеќе време да се посветиме на тоа, за да бидеме изненадување за Швајцарија.
Денеска Македонија ќе игра против Хрватска.
Хрватска е физички силен противник. Ние имаме доста повредени ракометарки, денеска морав да поштедам дел од нив. Сега се повреди и Ана Марија, така што ќе морам прво да го погледнам здравствениот билтен.
Овие мечеви мора да ги искористиме максимално, да учиме и заедно да растеме. Мора да бидеме реални дека во овој момент сме зад Црна Гора и Хрватска. Се надевам дека девојките ќе сфатат дека треба да уживаме на секој натпревар и да го даваме максимумот.“
Денеска во Охрид, во рамките на турнирот, е закажана панел-дискусијата „Женски ракометен форум“. Настанот ќе почне во 11:00 часот во салата „Билјанини извори“, а влезот ќе биде слободен.
Потоа продолжува ракометната програма. Во терминот од 17:00 часот ќе играат Црна Гора и Србија, а во 19:00 часот ќе се сретнат Македонија и Хрватска.