Пет легенди на женскиот ракомет со важни пораки до новата генерација

Посебен двочасовен настан во рамките на „Трофеј Македонија“ беше првиот „Женски ракометен форум“. Во организација на Ракометната федерација на Македонија панелисти на дискусијата беа пет еминентни имиња од женскиот ракомет.

Станува збор за легенди на европскиот ракомет, освојувачи на ЛШ, учесници и освојувачи на медали од Олимписки игри, домашни шампионати и бројни трофеи, кои беа на бината во „Билјанини извори“.
Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Драгана Цвијиќ, Сузана Лазовиќ и Лидија Хорват ги споделија своите ракометни искуства со голем број на ракометарки од македонски клубови кои беа гости, а и ракометарките кои беа дел од „Трофеј Македонија“.

Зборуваа за своите животни искуства стекнати во ракометниот свет, од почетоците, тешките моменти, борбата, подемите и падовите до моментот кога стигнале до најголемите висини.

„Кога ќе се одлучиш за живот на професионален спортист, тоа доаѓа со цена. Треба да си свесен дека ќе пропушташ настани од приватниот живот, какви што се прослави, семејни собирања и живот што го имаат врсниците. Тогаш е важно да се има поддршка од најблиските затоа што е многу поразително, ако се почувствуваш сам. Јас ја имав таа среќа да имам полна поддршка од моите блиски и семејството и воопшто не жалам што станав професионален спортист. Ако се родам одново, повторно би го одбрала истиот пат“, изјави Лидија Хорват.



Сузана Лазовиќ, актуелен селектор на репрезентацијата на Црна Гора се осврна на моментите кои го диктираат патот по кој се развива кариерата.

„Морам да признаам дека во одредени периоди не бев многу дисциплинирана. Тоа се одрази, добив многу, но не добив максимум од мојата кариера. Затоа сега кога сум во позиција на тренер се обидувам ова мое искуство да им го пренесам на помладите ракометарки и да им помогнам да го одберат вистинскиот пат“, подвлече Сузана Лазовиќ.


Индира Кастратовиќ им испрати мотивирачка порака на девојките што го следеа форумот од трибините, во контекст на тоа што една жена треба да прави за да преживее во светот на професионалниот спорт. „Девојки, вие сте вистински воини.

„Секогаш треба да сме убави, да сме дотерани, сѐ дома да ни е средено, да бидеме цело време насмеани и сѐ што правиме правиме двојно. Верувајте, вие сте царици!


Еден дел од дискусијата беше наменет и за улогата на финасиите како дел од кариерите на професионалните спортисти.

„Кога почнуваш да градиш кариера, грешка е да се размислува во правец: колку ќе се заработи, кој клуб колку би платил. Најважно е да размислувате како да напредувате. Јас, а и сите овие девојки на бинава никогаш не сме размислувале колку пари ќе заработиме. Размислувавме за тоа колку пехари ќе освоиме, на колку Олимпијади и првенства ќе учествуваме. Амбицијата да бидеме подобри беше нашиот водич низ кариерите“, изјави Драгана Цвијиќ.

 

Каде најмногу грешат младите ракометарки? Андреа Лекиќ имаше мислење: „Покрај желбата за инстант успех, треба многу да се внимава и кога се носат одлуки, особено кога се во прашање менаџери. Ако нешто би променила во мојата кариера, тогаш тоа би биле моментите кога сум носела важни одлуки. Сега, тоа би го направила многу постудиозно, би се советувала со повеќе луѓе. Би барала совет од вистински луѓе и воопшто би посветила многу повеќе внимание на тоа“.


Панел дискусијата опфати уште многу теми, активно учествуваа со поставување на прашања и ракометарки што беа гостинки на трибините и ја збогатија дискусијата.
Попладнево, програмата на турнирот продолжува со последните два натпревари од „Трофеј Македонија“. Од 17:00 часот на теренот ќе бидат екипите на Србија и Црна Гора, а од 19:00 часот е натпреварот меѓу Македонија и Хрватска со што ќе биде спуштена завесата на второто издание на „Трофеј Македонија“.