Јасухира и Јошида се враќаат: Јапонија со најсилен состав на СП 2027?

Фото: ГРК Охрид

Првиот противник на Македонија на следното СП, репрезентацијата на Јапонија, во состав без европските интернационалци настапува на Азискиот шампионат, на кој е и домаќин и го организира турнирот во Нагоја.

Јапонија се пласираше во полуфиналето, а утре, за пласман во финалето и во борбата за медал, ќе игра со вториот противник на Македонија на СП 2027, репрезентацијата на Бахреин. Јапонија до полуфиналето стигна со две победи во групната фаза, пораз од Катар и победа над Кувајт во четвртфиналето.

Јапонија прикажа добри партии, но амбициите на нивната федерација и на селекторот, Шпанецот Тони Херона, не завршуваат со настапот на Азискиот шампионат. Нивните апетити значително се зголемени и се насочени кон претстојното Светско првенство.

Информација што успеавме да ја потврдиме од два меѓусебно неповрзани извора вели дека Тони Херона на претстојниот мундијал планира да оди со најсилниот состав што го има Јапонија, а комплетна поддршка има и од Јапонската федерација.

Тоа значи дека во составот на Јапонија на следното СП би требало да бидат двајцата многу добро познати играчи и на македонската јавност – Косуке Јасухира и Шуичи Јошида, двајцата ракометари на ГРК Охрид. Очекуваме да биде вклучен и десниот бек Југа Еномото, кој минатата сезона играше во Војводина, а сезонава настапува во унгарскиот Ѓер.

Овие тројца ракометари, а можеби и плус уште некој кој настапува надвор од Јапонија, комплетно ја менуваат сликата за силата на јапонската репрезентација.

Последен пат кога овие играчи играа заедно под јапонско знаме беше на Олимписките игри во Париз. Таму Јапонија го освои 11. место од 12 екипи, но она што мора да се напомене е дека во групната фаза за малку испуштија сензација на мечот со комплетната Хрватска и загубија само со еден гол (29-30). Истото им се случи на натпреварот со Словенија (28-29), додека од Шпанија загубија со тесни четири гола (33-37). Единствените екипи кои резултатски доминираа против нив беа Германија и Шведска.

Верификацијата на оваа информација и потврдата дали навистина со сите расположливи сили ќе одат на СП ќе ја добиеме на почетокот на декември, кога тимот што ќе игра на СП ќе настапи на подготвителен турнир во Египет.