Екипата на МРК Куманово успеа да креира неверојатен пресврт и да освои бод на дерби мечот од дното на табелата против екипата на Мулти Есенс.
Младата екипа на Мулти Есенс плати со скапоцен бод за да научи многу важна лекција. Имаа момците на Никола Матлиески водство од 33-30 на 50 секунди до крајот и посед на топка на гостувањето во Куманово. И за 50 секунди примија три гола и натпреварот заврши нерешено.
Го изгубија тлото под нозете скопските ракометари во моментите кога требаше да ја верификуваат првата суперлигашка победа. Не успеваа да врзат повеќе додавања под притисок на пресинг играта на кумановскиот состав, ниту се составија во одбраната во последната минута и казната стигна.
Веројатно никој во салата во Куманово не веруваше дека е можен пресврт и освојување на бод кога на две минути до крајот Мулти Есенс поведе со 32-27. Се растрчаа домашните играчи во очајнички обид да креираат чудо. И успеаја. Нивниот пресинг даде резултат, неискусниот противник не успеваше да ја смири играта и да заработи некоја секунда плус. Се нанижаа неколку голови по ред, притисокот порасна, а гостите попуштија под притисокот.
Еуфоричната радост на кумановскиот состав тешко може да се опише со зборови. Отпишани во последната минута креираа пресврт што ќе го паметат. На крајот на прославата им се приклучи и публиката.
Тоа беше и последниот натпревар од четвртото коло во кое се постигнати следниве резултати:
МРК Куманово – Мулти Есенс 33-33
Е. Пелистер – Е. Пелистер 2 35-24
Охрид – Прилеп 34-18
Младост – Алкалоид 24-32
Тиквеш – Вардар 27-35
Струга – Бутел Скопје 26-24
Табела: 1. Алкалоид (8) 2. Вардар 1961 (8), 3. Охрид (7), 4. Е. Пелистер (7), 5. Тиквеш (5), 6. Прилеп (5), 7. Струга (2). 8. Е. Пелистер 2 (2), 9. Бутел Скопје (1), 10. Младост (1), 11. Мулти Есенс (1), 12. Куманово (1)