Бахреин ја откри новата „опасност“ за Македонија

Photo: Felix Walter (cropped image)

Репрезентациите на Јапонија и Бахреин се сретнаа во полуфиналето на Азискиот шампионат што се одржува во јапонскиот град Нагоја. Во финалето се пласираше Бахреин, откако запиша победа од 35-31 над јапонскиот состав, па за златниот медал ќе игра против репрезентацијата на Катар, која е предводена од поранешниот селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ.
Бахреин до триумфот над Јапонија дојде откако влезе во подобар ритам во последните 15 минути од мечот. Во 45. минута водеше 25-23, а пет минути подоцна беше 29-24 и Бахреин веќе беше со една нога во финалето.

Од настапот на оваа репрезентација можеме да го издвоиме учинокот и играта на левиот бек на Ал Калеџ од Саудиска Арабија, Мохамед Хабиб Мохамед. Новата главоболка за селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, не играше за Бахреин минатата зима кога двете репрезентации се сретнаа на „Јелоу Куп“, но во јануари ќе биде дел од репрезентацијата.
Се работи за 25-годишен лев бек, кој важи за еден од најдобрите играчи на Блискиот Исток и кој веќе добива понуди од европски тимови.
Да потсетиме, Бахреин е вториот противник на Македонија на СП, што во јануари ќе се игра во Германија.

Првиот противник е Јапонија. Тие ќе играат за бронзениот медал против Јужна Кореја, но за нив веќе објавивме дека во јануари ќе имаат сосема поинаква физиономија и квалитет, откако ќе им се приклучат „охриѓаните“ Косуке Јасухира и Шуичи Јошида, потоа Југа Еномото итн.