Алборг трие раце: Скипаготу е нивен во јуни

Данскиот Алборг денеска ги израдува своите фанови со информацијата дека клубот потпишал тригодишен договор со бекот од Фарски Острови, Елиас Елефсен а Скипаготу. Тој сезонава е ракометар на Кил, а неговиот договор со германскиот клуб истекува во јуни 2027 година.

Алборг го потврди доаѓањето на Скипаготу само еден ден по официјализирањето на трансферот на германскиот репрезентативец Јури Кнор од Алборг во Пари Сен Жермен.
За трансферот на Јури Кнор, кој менаџерот на данскиот тим го прогласи за најголем во историјата на клубот, Алборг ќе заработи значителна сума за отштета. Кнор во ПСЖ заминува една година пред истекот на договорот, додека Скипаготу во Алборг доаѓа како слободен играч.

Елиас Елефсен а Скипаготу беше доминантен играч во младинските категории и ја промени комплетната слика за квалитетот на ракометот на Фарски Острови. Беше регрутиран од шведскиот Севехоф, а потоа направи мега трансфер во Кил.
Минатата сезона беше најдобар стрелец на Кил и дел од Ол-стар тимот во Бундеслигата.

Не би правеле споредба меѓу Кнор и Скипаготу, но кога би ги ставиле на кантар нивните квалитети и начинот на кој Алборг ги реализираше двата трансфери, данскиот клуб очигледно доби интересна комбинација – заработка од едниот трансфер и ангажман на квалитетен играч без отштета.