-
29.9.2026
-
Македонски ракомет
Времето за чекање на европски ракомет во Битола истече. Утре во салата „Боро Чурлевски“ одново ќе грми од трибините за поддршка на Еурофарм Пелистер во нивната нова авантура во ЕХФ Европската лига.
На гости доаѓа сериозен противник кој е потценет во Европа, особено во ЕХФ каде што му го доделија последното место во Power Ranking.
Шпанската екипа Логроњо Ла Риоха ќе биде првиот гостин во битолскиот пекол. Ла Риоха одамна ги проживеа своите ѕвездени моменти и сега, како и сите шпански екипи освен Барса, повторно го бара патот кон позабележителен европски успех. Нивниот имиџ е нарушен, но нивниот систем на игра – не е. Шпанските тимови се секогаш незгодни противници поради препознатливиот начин на кој играат, без оглед на тоа колку и дали имаат познати имиња во составот.
Ла Риоха доаѓа како вицепрвак на Шпанија, со доста изменет состав од лани, финансиски постабилен откако доби нов спонзор и со нови зголемени амбиции во пресрет на сезоната.
Логроњо е клуб основан во 2003 година и низ историјата настапувал под неколку имиња – Дариен Логроњо, Натурхаус Ла Риоха, ЦБМ Ла Риоха и БМ Логроњо Ла Риоха, а од оваа сезона го носи името Дикорпебал Логроњо Ла Риоха.
Најуспешниот период клубот го имаше под името Натурхаус Ла Риоха, кога трипати беше вицешампион на Шпанија, а во Европа двапати стигна до полуфиналето на Купот на ЕХФ и редовно настапуваше во Лигата на шампионите. Најголем успех во ЛШ му е пласманот во осминафиналето во сезоната 2014/15.
Клубот од Логроњо има и своја македонска трага. Во дресот на Натурхаус Ла Риоха играше Наумче Мојсовски, кој помина две сезони во шпанскиот клуб, а во 2015 година таму пристигна и Аце Јоновски, по петгодишниот период во Металург. И двајцата беа активни македонски репрезентативци во периодот кога Логроњо редовно настапуваше на европската сцена.
Ла Риоха досега само двапати се сретнала со македонска екипа, и тоа во сезоната 2023/24 во Европската лига, кога во Логроњо одигра нерешено (29-29) со Алкалоид, а во Скопје загуби со 27-28, што беше и првата историска победа на тимот од Автокоманда во Европа.
Логроњо има млад тим, со просечна возраст од 26,1 година, која ја подигаат неколку повозрасни и поискусни ракометари, меѓу кои најпознато име е голманот Хоан Ледо (30), минатата сезона прогласен за најдобар голман во Асобал.
Хоан Ледо заслужува посебно внимание, затоа што се работи за играч кој своевремено беше едно од најинтересните имиња во шпанскиот ракомет. Во 2014 година потпиша за Барселона, потоа беше позајмен и дебитираше во Асобал со Виља де Аранда.
Со младинската репрезентација на Шпанија стана европски шампион во 2016 и светски шампион во 2017, а на СП беше прогласен и за најдобар голман.
Потоа пет сезони бранеше за Бидасоа Ирун, две години помина во француски Истр, а од 2024 година е дел од Логроњо.
Ла Риоха летово ангажираше шест нови ракометари – Николо Д’Антино (десно крило), Лука Јевтиќ (десен бек), Самуел Саиз (лев бек), Мартин „Тинчо“ Јунг (среден бек), Томоки Ишида (лево крило) и Густаво Оливеира (лев бек).
Од Логроњо си заминаа Андреј Пергел во Динамо Букурешт, Давид Кадарсо во Касерио, Немања Пештиќ во Кангас, Јосип Заја во Шамбери и Луис Хуарез во Екс-ан-Прованс.