Пелистер тргнува во европското „непознато“, Червар најави добра премиера

Европскиот пат во „непознато“ за Еурофарм Пелистер почнува денеска. Европската лига годинава ќе биде непредвидлива од повеќе аспекти, особено кога ќе дојде делот на елиминации, приклучувањето на екипите од Лигата на шампионите и улогата што ќе ја одигра среќата во ждрепката.
Дека нема да биде предвидливо ниту во првата фаза, видовме уште на првиот натпреварувачки ден, на кој токму од групата во која игра Еурофарм Пелистер беше сервирано првото големо изненадување.

Победата на Гдањск во Гумерзбах менува многу работи, и во пракса и на хартија, но играта само што почна, а за битолчани тој резултат треба да биде повик за внимателност и мотивација за секој следен меч.

Вечерашниот противник во Битола доаѓа како аутсајдер, иако таквата квалификација не е природна за екипа од Шпанија.

Тренерот на битолчани, Лино Червар, во својот препознатлив внимателен пристап, со акцент на тоа што треба да направи неговата екипа, го најави натпреварот.

„Нè поставија како фаворити пред Гумерзбах и Логроњо Ла Риоха, а тоа е малку преамбициозно. Но, тоа за нас нема никакво значење. Мораме добро да се подготвиме. Многу го ценам шпанскиот ракомет. Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција. Нè чека напорна работа. Играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила.
Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика.
Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб; ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката. Публиката е нашата сила, наш играч повеќе.
Но, ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме голема енергија, желба за победа – тоа е исклучително важно. Страста за победа дава дополнителна енергија. Затоа јас верувам во мојот тим, верувам во Еурофарм Пелистер, затоа сум тука“, заврши Червар.

Почетокот на натпреварот е во вечерниот термин од 20:45 часот, а ТВ-пренос ќе има на ТВ Арена М1 и на српскиот канал ТВ Арена Спорт 1.