ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ЛОГРОЊО ЛА РИОХА 24-31 (8-16)
Хеидарирад (10 одб), Петар Атанасијевиќ 4, Ристевски 4 - Ледо 3 (20 одб), А.Лобато 6, М. Лобато 4
Премиерниот натпревар на Еурофарм Пелистер во ЕХФ Европската лига, што желно го исчекуваше пред сѐ битолската спортска јавност, се претвори во ретко видено фијаско на зелено-белиот тим, кој беше инфериорен од првиот до последниот момент и беше поразен од екипата на Ла Риоха од Шпанија.
Првото полувреме, земајќи предвид повеќе фактори, вклучително и реномето на противникот, беше нешто најлошо што го имаме видено од Еурофарм Пелистер на европската сцена со години наназад.
Битолчани почнаа со седум на шест, но шпанскиот тим ги „потсети“ дека ако оваа стратегија не се извршува ефикасно, енергично и дисциплинирано, тогаш од предност се претвора во хендикеп.
Подмладениот гостински состав не потпадна под амбиентот во Битола. Вешто ги казнуваше сите грешки на домашниот тим и по неполни шест минути водеше со 5-0.
Во главната улога беше играчот што посебно го издвоивме во најавата на натпреварот – голманот Хуан Ледо. Постигна два гола, имаше неколку одбрани и го поведе својот тим кон изненадувачкиот развој на настаните.
Лино Червар се обидуваше со повеќе ротации на повеќе играчи на бековската позиција да ја најде посакуваната постава. Не одеше добро. Битолчани по 20 минути имаа постигнато само четири гола, а примено 13. Така, наместо очекуваната битка за победа, во првиот дел гледавме грчевита борба разликата да не стане минус 10.
Не беа далеку Шпанците и од такво остварување, но и тие имаа еден период во кој неколкупати по ред не погодија, па разликата се движеше меѓу седум и девет гола, за на полувреме да биде 8-16.
Централна фигура во првиот дел остана голманот Хуан Ледо, кој покрај двата погодока имаше и 12 одбрани.
Надежите дека во второто полувреме ќе гледаме нешто поинакво од Е. Пелистер брзо паднаа во вода. Ниту раниот црвен картон на пивотот Поповиќ, важен играч во одбраната на Шпанците, не донесе промени. Се играше гол за гол, а разликата беше осум до девет гола во корист на Ла Риоха.
Така беше до 45. минута, кога за првпат на натпреварот гостите не дојдоа до двоцифрена предност (27-17). Веднаш потоа поведоа и со 11 гола разлика, па Лино Червар побара тајм-аут. Патем, директен црвен картон заработи и дефанзивецот на Е. Пелистер, Ник Хенигман.
Ништо посебно не се промени до крајот на натпреварот. Е. Пелистер не наметна темпо со кое би бркал сензационален камбек. Дури и во моментите кога ќе се добиеше впечаток дека битолчани можат да влезат во некој ритам, ќе се испречеше голманот Хуан Ледо, кој мечот го заврши со 20 одбрани, или пак ќе направеа грешка домашните.
Овој пораз и победата на Гдањск во Германија уште по првото коло ја комплицираат европската сезона на Еурофарм Пелистер. Од групата две екипи продолжуваат во елиминациите, а две отпаѓаат од Европа. Победите на двата аутсајдера во првото коло ќе ги стават на голем тест способностите и квалитетите на Еурофарм Пелистер и Гумерзбах во продолжението на сезоната.
Екипата на Еурофарм Пелистер во второто коло ќе игра на гостински терен во Полска, против екипата на Гдањск.