-
01.10.2026
-
Македонски ракомет
Премиерниот натпревар на Еурофарм Пелистер во ЕХФ Европската лига сезонава беше предвидено да биде круната на целодневниот спортски настан во Битола, во чии рамки и навивачката група „Чкембари“ го прослави својот 41. роденден.
Натпреварот помина во препознатлив амбиент, специфичен за битолчани, но остави горчлив вкус не само кај битолчани, туку и кај пошироката домашна јавност.
По само 60 минути амбициите се претворија во математички калкулации за следните натпревари, кои имаат еден заеднички именител – вакво нешто веќе не смее да се повтори.
По натпреварот, тренерот Лино Червар ги сподели со јавноста своите импресии и направи неколку интересни компарации, меѓу кои ја истакна и онаа дека „битката била загубена без испукан куршум“, што сосема одговара на она што го видовме од ракометарите на Еурофарм Пелистер.
„Шпанците беа подобра екипа од нас. Станува збор за школуван и добро воигран тим, додека ние едноставно разочаравме. Искрено ми е жал поради тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната ни беше слаба, примавме лесни голови, ние многу се мачевме во нападот...“, рече тренерот на битолскиот тим.
Причини сигурно има повеќе, а како една од клучните за ваквиот расплет, според Лино Червар, е таа што главните ракометари потфрлиле.
„Играчите кои денеска требаше да дадат малку повеќе, ништо не направија во суштина. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога главните, кои требаше да ја преземат одговорноста, не го направија тоа. Тогаш и другите веќе беа уплашени. Го разбранивме нивниот голман. Дваесет и една одбрана имаше...
Жал ми е за луѓето и за публиката. Да имаш таква поддршка од трибините, а да одиграш ваков натпревар, навистина е тажно“, рече Червар.
Лино Червар подвлече дека поразот е составен дел од спортот, но начинот на кој натпреварот е загубен е тоа што прави разлика.
„Можеш да загубиш натпревар, тоа е спорт. Но, се поставува прашањето како ќе загубиш. Ако противникот е подобар, а ти се бориш до крај, тогаш му подаваш рака и му честиташ. Ние не заслуживме ништо повеќе од пораз. Во второто полувреме морав да прибегнам кон игра што не ја сакам, но бевме во ситуација во која баравме каква било шанса да се вратиме. Искрено, поразот можеше да биде и поубедлив“, изјави Червар.
„Мораше и требаше да одиграме многу подобро. Разочаравме. Се надевам дека ќе научиме од грешките, бидејќи понекогаш токму тие се најдобриот учител. Ќе има уште многу натпревари, но вакви изданија не смеат да ни се повторуваат. Тешко е сега, веднаш по натпревар, да зборуваме. Треба да анализираме. Мене работите ми се јасни, но сепак, треба заеднички да анализираме“, заврши Червар.
Првото коло во групата ги растури сите почетни калкулации и веќе во следното коло, двата фаворита почнуваат да играат на „сѐ или ништо“. Еурофарм Пелистер ќе му гостува на Гдањск, Гумерзбах на Ла Риоха. Тоа е шанса работите да се вратат на почетната точка, но и ризик сезоната да отиде во многу непосакуван правец.