Криштопанс нема да игра против Вардар во Скопје

Фото: Max Petershans / Wikimedia Commons / CC BY-SA 4.0

Поранешниот ракометар на Вардар, Даинис Криштопанс, ќе ги пропушти сите натпревари на Мелсунген во Лигата на шампионите до крајот на групната фаза, во која е предвидено и гостување во Скопје на крајот од месецов.
Даинис Криштопанс имаше проблем со коленото, кој мораше да биде саниран со хируршка интервенција. Артроскопската операција беше успешно извршена на клиника во Германија, а ракометарот веќе е во процес на рехабилитација.

Германските медиуми пренесуваат дека не е прецизирана конкретна временска рамка за неговото враќање на терен, но подвлекуваат дека, според неофицијалните прогнози, најрано би требало да се врати во игра кон средината на ноември.

Мелсунген и Вардар 1961 се во истата група од Лигата на шампионите, заедно со екипите на Висла Плоцк и Нант. По две одиграни кола, Мелсунген има домашна победа над Вардар 1961 и гостински пораз од Висла Плоцк, додека Вардар 1961 има два пораза, од Мелсунген и од Нант.