Веспрем е нов светски првак, Нилсен е МВП

Photo: IHF/ Kolektiff/ Jozo Cabraja

Екипата на Веспрем е победник на 19-то Светско клупско првенство и нов светски првак. Во финалето на клупското СП, кое порано беше познато под името Супер Глоуб, Веспрем ја совлада екипата на Барса со 42-33, што воедно е и најголемата разлика остварена во финале на овој турнир.

Ова е втор шампионски пехар за Веспрем и, практично, освен што значи детронизирање на бранителот на титулата, Барса, значи и враќање на победничкиот пехар во Унгарија, затоа што во 2024 година Веспрем беше победникот.

Оваа победа на Веспрем има и подлабоки корени и поголема сатисфакција за унгарскиот клуб, кој сѐ уште нема триумф во Лигата на шампионите. Нивното ривалство со Барса нагло се зголеми откако тренер стана Хавиер Пасквал, поранешен тренер на каталонскиот тим. Посебна тежина на ривалството дава тоа што Веспрем често испраќа понуди за ракометари на Барса, а веќе и реализираше неколку трансфери. Барса своевремено дури и реагираше преку медиумите за таквата политика на унгарскиот клуб, но практиката не заврши. Напротив, нивната последна аквизиција од Барса е можеби клучната и за оваа висока победа во финалето.

Емил Нилсен, данскиот голман, беше во центарот на вниманието и со 12 одбрани во финалето беше еден од најважните играчи на Веспрем, а беше прогласен и за МВП на целиот турнир. Рекордната победа во финалето на клупското СП, и тоа над Барса, е моќна порака што Веспрем ја испрати од Каиро кон Келн и најави дека оваа сезона можеби е „таа“ што фановите на Веспрем желно ја чекаат со години.

Третото место го освои тимот на Ал Ахли, предводен од поранешниот тренер на Вардар, Давид Дејвис. Тие беа подобри од египетскиот ривал Замалек со 30-25, што е уште една силна порака, а се однесува на претстојната сезона во Египет и Африканскиот шампионат.

Давид Дејвис освои трето место на Супер Глоуб и со екипата на Вардар во 2017 година, како асистент на Раул Гонзалес.

На маргините на турнирот беше прогласена и идеалната постава, во која централното место го зазема данскиот голман Емил Нилсен.

Ал-стар тим на Светското клупско првенство на ИХФ 2026

Голман: Сергеј Хернандес (Барса)
Десно крило: Јанис Лен (Веспрем)
Десен бек: Јусеф Ахмед (Замалек)
Среден бек: Мохамед Хешам (Ал Ахли)
Лев бек: Ахмед Хешам (Веспрем)
Лево крило: Иан Баруфет (Барса)
Пикер: Лудовик Фабрегас (Барса)

МВП: Емил Нилсен (Веспрем)

Најдобар стрелец: Иго Деска (Веспрем) – 35 гола