-
02.10.2026
-
Македонски ракомет
Европската ракометна федерација годинава воведе промени во машките клупски натпреварувања – Лига на шампионите и ЕХФ Европската лига. Процесот нема да застане, следуваат адаптации, а ќе се формира и инвестициски фонд со цел да се создаде финансиска основа за нив. Темите, меѓу другото, ги опфаќаат инфраструктурата, арените, системот на натпреварување и финансиската распределба.
Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер во интервју објавено на веб страната на ЕХФ, најави дека месецов во Виена ќе се одржат низа состаноци со претставници на федерациите и други засегнати страни на кои ќе им биде презентиран планот на промена на евроските квалификации за СП.
„Покрај Европските ракометни игри, ќе биде воведен и нов пристап во квалификациите за Светското првенство на ИХФ – Европа, сличен на Лигата на нациите на УЕФА“, изјави Видерер.
Тоа во пракса би значело дека место досегашните бараж натпревари, за пласман на СП репрезентациите би играле во групи.
Понатамошни промени се планираат и во Лигата на шампионите кои мошне веројатно ќе ги тангираат и македонските претставници во ЛШ.
„Некои периоди без натпревари се предолги, особено за 12-те екипи кои по групната фаза не продолжуваат во главната рунда, туку настапуваат во ЕХФ Европската лига. Тие имаат три натпревари на домашен терен, а потоа следува долг период без натпревари. Разгледуваме алтернативи со кои би се намалил овој период за екипите кои ќе завршат на третото и четвртото место. На маса има добар предлог. “, истакна Видерер.
ЕХФ планира и воведување на ново натпреварување, за кое имаме пишувано уште пред една година – Европски ракометни игри. Во период од шест дена, најдобрите осум репрезентации во машка и женска конкуренција би играле на турнир. Оваа скратена верзија на ЕП, со сконцентриран квалитет би се играла во некоја од Топ арените во Европа, а главната премија ќе биде место на Олимписките игри. Првиот ваков турнир би требало да се одржи во 2030 година.