Вести: Абало стана тренер, најдобрата во светот се сели во Брест...

Foto: RK Alkaloid/ Filip Viranovski

Португалскиот ракометар Франциско Оливеира е Силва, кој беше ракометар на Алкалоид пред две сезони и дел од тимот што го освои ЕХФ Европскиот куп, ракометната кариера ја продолжува на Далечниот Исток. Франциско е Силва следната сезона ќе игра за екипата на Хокс од Чеонгџу, Јужна Кореја.

Легендарниот француски ракометар Лик Абало почнува тренерска кариера во Јапонија. Тој е назначен за прв тренер на екипата на Зикстар Токио, клуб во кој ја заврши играчката кариера во 2023 година. Абало досега беше советник во клубот, но дојде време да ја преземе и главната улога и сега е прв тренер. Досегашниот тренер на клубот, Хироки Шида, ќе му биде асистент и одговорен за неговата адаптација.

Најдобрата светска ракометарка, Хени Рајстад, ја игра својата последна, шеста сезона во дресот на екипата на Есбјерг. Норвешкиот бек од јуни во следните три години ќе игра во првенството на Франција, во екипата на Брест Бретањ.
Тука не завршува трансфер приказната на Брест. Францускиот „Л’Екип“ најави дека следната сезона во нивните редови ќе дојдат и бекот Лора Филипс (Шнајдер) и крилото Луцие Грание. Двете се ракометарки на најголемиот ривал, Мец, а во Брест би дошле како слободни играчи.
Зголемените амбиции на Брест и нивниот агресивен пристап на трансфер пазарот се директно поврзани со ангажманот на новиот спортски директор, легендарниот голман Клеопатра Дарло.

Неуспешниот настап на Светското клупско првенство и лошиот старт во Лигата на шампионите во еден момент станаа помалите грижи за екипата на Фуксе Берлин.
На последните натпревари во Каиро, Берлин го чуваше на клупата најдобриот светски ракометар Матијас Гидсел. Причината не беше одмор, туку повреда. Добрите вести за клубот стигнаа денеска. Не се работи за сериозна повреда и нема долго да отсуствува од теренот.