Мулти Есенс без гол во финишот, Младост до бод во Скопје

МУЛТИ ЕСЕНС – МЛАДОСТ 21-21 (10-11)


Екипите на Мулти Есенс и Младост 1977 Богданци во целост го оправдаа епитетот дерби што го имаше нивниот натпревар, иако не се работи за екипи од горниот дел на табелата.
Актуелната состојба во долниот дел од табелата, меѓу екипите што важат за сериозни кандидати за играње плејаут, и нивната меѓусебна трка за бодовите што ќе се пренесат во пролетниот дел од сезоната ја прави Суперлигата посебно интересна.

Двата тима веќе се „изгореа“ во своите претходни настапи. Младост испушти сигурна победа на домашен терен со Прилеп, а Мулти Есенс минатото коло на неверојатен начин успеа да прокоцка еден бод на гостувањето во Куманово.

Тоа го направи денешниот меч посебен. И имаше што да се види. Израмнета борба беше главната карактеристика, со тоа што Младост во првиот дел имаше предност од четири гола (11-7), но Мулти Есенс, пак, имаше плус три на 15 минути до крајот.

Скопскиот состав водеше со 21-19 во 52. минута од натпреварот, но следуваше мало дежа ви од Куманово. До крајот на натпреварот не постигна гол, а имаше неколку шанси, меѓу кои и седмерец. Младост успеа да израмни и да се одбрани во последниот напад, што значеше и нова поделба на бодовите и нова потврда за тоа колку се израмнети екипите што ќе се борат за опстанок во Суперлигата.

Давид Трајкоски со пет постигнати гола беше најефикасен во домашниот состав, а беше следен од Стефан Ѓорѓиевски, кој постигна четири. Најефикасен во тимот на Младост и воопшто на натпреварот беше Владимир Бојаниќ со осум гола, додека Даниел Андоновски додаде седум, меѓу кои и решавачкиот за конечните 21-21.