Томовски на два натпревари запиша 30 одбрани

Мартин Томовски повторно имаше одлична голманска претстава во Бундеслигата, овојпат со 14 одбрани против еден од најсилните тимови во германскиот шампионат, Фуксе Берлин.

Македонскиот репрезентативен голман беше еден од најдобрите поединци на теренот и со своите интервенции му помогна на Битигхајм да остане во игра до самиот финиш. Сепак, неговиот тим на крајот претрпе минимален пораз од 31-32.
За Томовски ова е уште еден одличен индивидуален настап во низа. На последните два натпревари Македонецот повторно покажа дека е во добра форма и запиша вкупно 30 одбрани на двата дуела, и тоа против Магдебург и Берлин, што дава друга димензија на неговиот придонес за клубот.

Но, неговата вонсериска партија не беше материјализирана. Фуксе Берлин стигна до победата во неизвесна завршница, а екипата на Томовски, по шестиот пораз по ред, падна на последното место на табелата, со само една победа остварена во првото коло.