Шанса за поправен: Е. Пелистер со Нтанзи против Гдањск

Европската премиера на Еурофарм Пелистер сезонава беше големо разочарување за ракометните фанови во Македонија, посебно за навивачката армија од Битола.
Бледото издание и поразот од Ла Риоха мораат итно да одат во архивата, а алармот вклучен по тој натпревар ќе свети и утре во Гдањск, каде што Еурофарм Пелистер ќе го игра вториот меч од Европската лига.

Атмосферата кај следниот противник е дијаметрално спротивна. Тие од улога на големи аутсајдери станаа јунаци на полскиот ракомет по победата над Гумерзбах на гостински терен, што несомнено ќе им даде крилја и за утрешниот натпревар.

Тактиките на тренерот Лино Червар против Ла Риоха не дадоа резултат, но за утрешниот дуел хрватскиот тренер добива џокер што може да ја смени играта.

Францускиот ракометар Саду Нтанзи во меѓувреме беше регистриран и во ЕХФ и ќе биде дел од битолскиот тим на мечот од второто коло. Иако за него ќе биде само втор меч во дресот на Еурофарм Пелистер, по првенствениот со Бутел Скопје, од Саду Нтанзи се очекува утре да спроведе во дело тоа што Червар го има подготвено како тактика. И тоа да го направи подобро отколку што неговите нови соиграчи го правеа на мечот со Ла Риоха.

Околу составот на Еурофарм Пелистер има уште една енигма. Словенечкиот ракометар Ник Хенигман заработи директен црвен, па потоа и син картон на дуелот со Ла Риоха. Засега нема реакција од Дисциплинската комисија на ЕХФ околу можна суспензија. Тоа е (нај)честа пракса, а дали ќе биде така и во овој случај, ќе оставиме простор да видиме.

Натпреварот ќе се игра утре во ЕРГО Арена во Гдањск, со почеток од 18:45 часот. Натпреварот директно ќе биде пренесуван на ТВ Арена Македонија. Од истата група, утре во 20:45 часот во Логроњо ќе се игра и мечот меѓу Ла Риоха и Гумерзбах.