Кузмановски растури, Пелистер испушти победа во Гдањск

ГДАЊСК – Е. ПЕЛИСТЕР 31-31 (16-17)
Гдањск: Позњак (6 одб), Томчак 8, Пеплински 5
Е. Пелистер: Хеидарирад (11 одб), Кузмановски 15, Нтанзи 7


Филип Кузмановски одигра маестрална партија за Еурофарм Пелистер на гостувањето во Гдањск, каде постигна 15 гола. Екипата имаше добра поддршка од голманот Саид Хеидарирад, кој запиша 11 одбрани, но тоа не беше доволно за брејк. Беше доволно за еден бод со кој битолчани ќе мора да бидат задоволни, затоа што последниот удар беше кон голот на македонскиот тим, а заврши само неколку сантиметри повисоко отколку што му беше потребно на полскиот тим за победа.

На крајот нерешено (31-31), а тоа е резултат со кој, и покрај промашениот последен шут, Полјаците треба да се среќни, затоа што битолчани имаа победа во џеб, пред да ја кренат рачната во последните три минути и безмалку од готово да направат вересија.

Водеше Еурофарм Пелистер со 31-28 и имаше напад за плус четири во 57. минута од натпреварот. На ова водство му претходеше контрола врз резултатот и константно одржување на водство од 1-2 гола во второто полувреме.

Филип Кузмановски беше енигма за полската одбрана. Од 15 постигнати голови, 12 беа од игра, а имаше и изнуден пенал над него.

Друга енигма за полскиот тим и нивниот тренер беше како да се прилагодат на одбраната, па и на нападот на битолчани, затоа што Червар постојано ротираше и менуваше и тешко е и на тастатура да се одбележи што сѐ не одигра Е. Пелистер, а не на терен да се најде противигра.

Саду Нтанзи имаше одлична партија и постигна седум гола од 10 обиди, Мартин Серафимов одигра многу коректно за колективот и генерално ниту еден од ракометарите на битолскиот состав не се штедеше во ЕРГО Арената.

На слично ниво беа и Полјаците, правеа грешки, но се снаоѓаа. Длабоката одбрана на битолчани им оставаше простор што го користеа, но главниот подарок стигна во последните три минути, кога битолчани го променија ритамот што им донесе водство од три гола разлика во 57. минута.

Бод освоен на гости во пракса е успешно завршена мисија, но ако земеме предвид дека во минатото коло Гдањск славеше на гости, а Е. Пелистер беше поразен дома, полскиот состав и натаму е во предност.

Сега погледите се кон Гумерсбах. Првиот фаворит во групата вечерва игра на гости во Шпанија, а потоа следат двата дуела меѓу германскиот тим и Еурофарм Пелистер. Првиот ќе се игра следната недела во Гумерсбах, потоа следува паузата за репрезентациите, па реваншот во Битола.