Висла го однесе Вардар пред елиминација од ЛШ!

ВАРДАР 1961 – ВИСЛА ПЛОЦК 26-32 (13-15)
Вардар 1961: Гогов (5 одб.), Фадуил 14, Малус 4, Да Силва 3, Абделхак 3...
Висла Плоцк: Вујовиќ (9 одб.), Бјере 10, Сердио 6, Косоротов 6...

Денеска играа: Мелсунген - Нант 28-23 (14-11)
Табела: 1. Висла (4 бода), 2. Мелсунген (4 бода), 3. Нант (2 бода), 4. Вардар (0 бодови)

Foto: RK Vardar 1961


Вардар 1961 го запиша третиот пораз во Лигата на шампионите и со скор од 0-3 е на прагот на елиминација од најсилното клупско натпреварување. Македонскиот првак по вторпат е поразен на домашен терен, а вечерва бодовите од Скопје ги однесе полскиот вицешампион Висла Плоцк.

Гостинскиот состав одигра одличен натпревар и не му дозволи на Вардар 1961 да се разигра и да влезе во вистински ритам пред преполните трибини во „Јане Сандански“.

Вардар немаше решение за многу добрата одбрана на Висла. Иван Чупиќ се обиде со сите варијанти, но полскиот тим имаше одговор на сѐ.

Со овој пораз Вардар е на работ на елиминација од Лигата на шампионите. До крајот на групната фаза има уште три натпревари, од кои два ќе ги игра на гостински терен против екипи што освоија бодови во Скопје. Веќе следниот дуел е во Плоцк, повторно против Висла. Право на грешка повеќе нема.

Резултатски, натпреварот го имаше следниот тек: Висла поведе со 3-0, додека Вардар повеќе од четири минути не можеше да го постигне првиот гол. Потоа предноста на гостите се одржуваше и растеше. Висла водеше со 7-2, а имаше и 11-5, пред Вардар да почне резултатски да се враќа во игра. До крајот на полувремето, Вардар беше подобриот противник, постигна двојно повеќе голови од противникот (8-4) и на одмор замина со негатива од само два гола (13-15).

Во пресрет на второто полувреме, двајцата тренери имаа свои адути.

Иван Чупиќ повторно форсираше игра со четири бека и без класичен пивот, па така Милан Лазаревски не го видовме на теренот во првиот дел.

Кај полскиот тим, во првото полувреме во игра не влегоа Митја Јанц, Миха Зарабец и нивната најголема ѕвезда – францускиот бек Мелвин Ричардсон.

Почетокот на второто полувреме беше пресликан стартот на првиот дел. Првите два гола завршија во мрежата на Васил Гогов, разликата повторно се искачи на плус пет (13-18), а натпреварот доби тек каков што им одговараше на полските ракометари.

Тренерот на Висла, Хавиер Сабате, имаше и подолга клупа и многу добро ја темпираше енергијата на својот тим. Јанц влезе во игра во вториот дел, истото го направи и унгарскиот ракометар Золтан Шита, а дури по 45. минута на теренот се појави и Мелвин Ричардсон.

На семафорот во 40. минута стоеше 17-22, а осум минути подоцна на Вардар 1961 му се закануваше вистинска катастрофа, откако Висла поведе со 27-19.

Вардаровите ракометари се созедоа и имаа бран во кој за кратко време ја преполовија негативата (23-27), но не успеаја да создадат вистинска драма во завршницата. Гостите ги искористија своите шанси до крајот и славеа со 32-26.

Единствениот што овој натпревар ќе го памети по добро од редовите на Вардар е францускиот бек Матео Фадуил, кој постигна 14 гола од 14 обиди, од кои пет беа од игра.

Со овој пораз се продлабочи исклучително лошиот старт на македонските екипи во Европа. На седум одиграни натпревари, македонските тимови забележаа само една победа, која не беше доволна да го спаси Тиквеш од елиминација, еден пораз и едно реми со кои Еурофарм Пелистер се доближи до елиминација, како и три порази поради кои Вардар 1961 е пред елиминација од Лигата на шампионите.

Добрата вест за црвено-црните е што евентуалната елиминација од ЛШ нема да значи и крај на европската сезона, бидејќи од оваа сезона елиминираните екипи се префрлаат во ЕХФ Европската лига.