Драма во Кавадарци, пресврт во Скопје и реми во Богданци!

ГРК ТИКВЕШ – МУЛТИ ЕСЕНС 27-26 (11-13)

Екипата на ГРК Тиквеш со многу среќа успеа минимално да го совлада тимот на Мулти Есенс (27-26) и да освои нови бодови. Гостите од Скопје водеа во текот на целото прво полувреме, кое го добија со два гола разлика, но во вториот дел кавадарчани ја презедоа иницијативата и го контролираа резултатот.

Финишот на натпреварот беше драматичен, а уште еднаш на ракометарите на Мулти Есенс им затрепереа рацете кога се решаваше победникот. Овој пат имаа контранапад и зицер за израмнување во последната секунда, но ударот беше лош и заврши во голманот на кавадарчани.

МЛАДОСТ 1977 – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 30-30 (14-11)

Екипите на Младост 1977 и Еурофарм Пелистер 2 исто така одиграа драматичен натпревар во Богданци, кој заврши без победник (30-30). Богданчани водеа во поголемиот дел од натпреварот, но и тие, слично како и Мулти Есенс, сезонава имаат проблеми да го материјализираат сето она што го одработуваат во текот на натпреварите. Ова е дури третото реми за екипата на Младост 1977 во шест одиграни натпревари.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ПРИЛЕП 27-29 (13-16)

Екипата на Бутел Скопје ќе мора да почека на првата победа во сезоната. Вечерва бодовите од Скопје ги однесе РК Прилеп, иако домашниот состав имаше предност од 26-24 во 52. минута. Во 55. минута резултатот беше 26-26, а три минути подоцна РК Прилеп веќе водеше со 28-26. До крајот двата тима постигнаа по еден гол за конечни 27-29.