​Томовски го одведе Битенхајм до победа

Екипата на Битенхајм ја запиша втората победа во осмото коло од Бундеслигата, а исто како и првиот триумф, и овој беше остварен на гостински терен. Битенхајм го совлада тимот на Гепинген (29-25), а еден од најзаслужните за победата беше македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски.

Тој имаше уште една одлична партија, во која повторно запиша двоцифрен број интервенции. Вкупно 13 одбрани се покажаа како еден од решавачките фактори за освоените бодови.

За Мартин Томовски ова беше четврти натпревар по ред со двоцифрен број одбрани, а на вкупно шест од осумте одиграни натпревари успеа да ја надмине границата од 10 интервенции. На вкупната статистичка листа и натаму е на второто место, но сега му се доближи на првопласираниот Давид Шпет на само седум одбрани разлика. Во однос на третопласираниот Андреас Волф, Томовски има предност од 20 одбрани.

Сепак, најважно за Битенхајм е што победата му овозможи да го напушти последното место на табелата, на кое сега се наоѓа некогашниот „македонски“ Вецлар. Битенхајм има четири бода и се наоѓа на 15. место меѓу 18 екипи.

Овој триумф доаѓа во вистински момент за Битенхајм, кој во следното коло ќе ја има можноста да ја брка и првата победа на домашен терен. Противник ќе му биде Хамбург, екипа која моментално е на 16. место, па евентуалниот нов триумф би му овозможил на Битенхајм да направи дополнителен исчекор во борбата за опстанок.