Е. Пелистер на тежок испит во Швалбе арена


ЕХФ Европската лига продолжува утре со натпреварите од третото коло, во кое македонскиот претставник Еурофарм Пелистер првпат сезонава ќе ги одмери силите со бундеслигашот Гумерзбах. Натпреварот ќе се игра во Швалбе арена, сала со капацитет за нешто повеќе од 3.000 гледачи. Се очекува трибините да бидат полни, имајќи го предвид фактот дека арената била целосно распродадена на 47 последователни натпревари во Бундеслигата.

За историјатот на Гумерзбах веќе имаме пишувано. Екипата доживеа преродба под водство на тренерот Гудјон Валур Сигурдсон, успеа да избори пласман во Европа, а и сезонава амбициите ѝ се високи.

Резултатите на почетокот на сезоната не се добри како ланските. Гумерзбах има три победи, три порази и едно реми. Но, мора да се има предвид и распоредот. Трите порази се од Магдебург, Фуксе Берлин и Кил, а нерешениот резултат е против Мелсунген.

Поразот што директно го засега и Еурофарм Пелистер е оној од Гдањск на домашен терен, во првото коло од ЕХФ Европската лига. Тој резултат уште долго ќе се рефлектира врз сите екипи во групата. За битолчани ситуацијата дополнително ја комплицираат и поразот на домашен терен од Ла Риоха и ремито во Гдањск.

Во следните две кола Еурофарм Пелистер ќе одигра два натпревари со Гумерзбах, но многу важни ќе бидат и дуелите меѓу Гдањск и Ла Риоха.

Еурофарм Пелистер мора да победи на барем еден од двата натпревари со Германците или да освои најмалку бод за да ги задржи математичките шанси за продолжување на настапот во ЕХФ Европската лига.