Е. Пелистер против клуб со три ѕвездички на логото и „чудовиште“ во одбраната!

Натпреварите со атрактивниот бундеслигаш Гумерсбах, за битолски Еурофарм Пелистер пред почетокот на ЕХФ Европската лига беа категоризирани како натпревари на кои нема што да се загуби, а може многу да се добие.
Но, по поразот на Гумерсбах на домашен терен од Гдањск во првото коло, поразот на Е. Пелистер од Ла Риоха дома и нерешениот меч во Полска, приказната добива поинаков заплет. Сега Еурофарм Пелистер може многу да загуби на овие два натпревари, дури и елиминацијата е во игра доколку не освои барем еден бод. Позицијата на Еурофарм Пелистер е комплицирана, но калкулациите, како и да е, ќе се прават по денешните натпревари.

Битолчани попладнево пред себе ќе имаат сериозен противник – клуб со три ѕвездички на логото.

Овие три ѕвездички ги симболизираат 12-те шампионски титули освоени во Германија. Според избраниот модел, за три ѕвезди се потребни најмалку 10 шампионски титули. Во ракометот нема унифицирани правила, па Гумерсбах го избрал моделот што се користи во фудбалската Бундеслига.

Гумерсбах, инаку, има и пет титули во Купот на европските шампиони, четири пехари во Купот на победниците на куповите, како и по еден трофеј во Купот на ИХФ и Купот на ЕХФ. Единствено Кил има повеќе шампионски титули во Германија.

Последниот европски пехар на Гумерсбах веќе наполни 15 години. Освоен е во 2011 година, но клубот под водство на тренерот Гудјон Валур Сигурдсон полека се враќа кон врвот на европскиот ракомет. Сезонава има тим во кој играат неколку врвни играчи добро познати и на македонската јавност, како Алекс Душебаев, на пример. Таму е Миро Шлуроф, сезонава играч со најсилен шут во Бундеслигата, потоа суперталентот Никола Рогановиќ, голманот Игнасио Биоска и црногорскиот ветеран Милош Вујовиќ. Грбот на Сигурдсон го чуваат и тројца негови сонародници – Ејнарсон, Видарсон и Синдрасон, итн.

Ви обрнуваме посебно внимание на еден играч кој не е задолжен за голови. Тој е новото моќно дефанзивно оружје на Германија и се вика Том Кислер. Неговиот прекар е „Монстер“, односно „Чудовиштето“, и со тоа имаме кажано сосема доволно.

Натпреварот ќе се игра со почеток во 18:45 часот и директно ќе биде пренесуван на ТВ Арена Македонија.