Е. Пелистер и Гумерзбах без своите дефанзивни „ѕверови“

Во пресрет на попладневното дерби во групата „Г“ од ЕХФ Европската лига, меѓу екипите на Гумерзбах и Еурофарм Пелистер, тренерите Гудјон Валур Сигурдсон и Лино Червар одбраа 16 ракометари кои ќе истрчаат на теренот во „Швалбе Арена“.

Во екипата на Еурофарм Пелистер го нема специјализираниот дефанзивец Ник Хенигман, кој го одработува вториот натпревар од суспензијата по синиот картон на мечот со Ла Риоха. Лино Червар за овој натпревар нема да смета ниту на Павле Атанасијевиќ, а во екипата е пријавен Малик Татар.

Слична е состојбата и во екипата на Гумерзбах. Добрата вест за битолчани е што на теренот нема да биде ниту нивниот главен дефанзивец, ракометарот познат под прекарот „чудовиште“, односно Том Кислер.
Тој се повреди уште во септември, а по проблемите со коленото се врати во тимот за дуелот со Кил на 3 октомври. Настапи и на мечот во Логроњо, но потоа повторно се појавија проблеми со коленото.

Во екипата нема да биде ниту познатиот холандски интернационалец Кај Смитс. И тој, како и Кислер, се пожалил на повреда по натпреварот со Ла Риоха во Логроњо. Двете повреди не биле од сериозен карактер, но денеска двајцата нема да бидат во составот.

За потсетување, и во следното коло овие две екипи повторно ќе ги одмерат силите, но во Битола. Меѓу двата натпревара ќе има подолга пауза поради настапите на репрезентациите во квалификациите за ЕП 2028.

Натпреварот меѓу Гумерзбах и Еурофарм Пелистер ќе почне во 18:45 часот и директно ќе се пренесува на ТВ Арена Македонија.