-
13.10.2026
-
Македонски ракомет
ГУМЕРЗБАХ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 38-28 (20-15)
Гумерзбах: Биоска (8 одб.), Душебаев 9, Рогановиќ 6, Хоржен 6
Е. Пелистер: Хеидарирад (7 одб.), Кузмановски 7, Видомски 4, Ристевски 4
Еурофарм Пелистер е поразен со 10 гола разлика на гостувањето во Гумерзбах, но ремито на дуелот меѓу Гдањск и Ла Риоха значи дека македонскиот тим, барем математички, ќе остане во игра за пласман во следната рунда дури и со пораз на домашен терен од Гумерзбах во следното коло.
Гумерзбах го наметна својот изразито напаѓачки стил на игра, а Еурофарм Пелистер го прифати предизвикот, па имавме можност да гледаме атрактивен натпревар со многу голови.
Во ситуација во која двата тима не можеа да сметаат на своите најдобри дефанзивци, напаѓачките формации уште повеќе дојдоа до израз.
Се играше гол за гол повеќе од половина полувреме, сè до 18. минута, кога Гумерзбах водеше со 10-9. Лино Червар се обиде и со седум на шест, но наспроти себе имаше екипа која е дизајнирана да ги казнува грешките на противникот. Веднаш следуваа голови на празна мрежа, Германците влегоа во елемент и три минути подоцна веќе водеа со 14-9.
До крајот на полувремето, Гумерзбах го одржуваше водството, користејќи го богатиот напаѓачки арсенал. Битолчани се обидоа да парираат, но освен што успеаја да го запрат налетот на противникот, не успеаја да ја намалат негативата.
По три минути игра во вториот дел, резултатот беше 22-18, а битолчани уште еднаш се обидоа со седум на шест – и го расипаа натпреварот. Германците беа непогрешливи кога ја гаѓаа празната мрежа на битолскиот состав и со серија од 4-0 стигнаа до 26-18, практично откажувајќи го Еурофарм Пелистер од битката за бодови.
Двата тима играа послободно во продолжението на натпреварот, што ни овозможи да видиме атрактивни погодоци и одбрани, но резултатски мечот веќе беше решен. Конечните 38-28 само потврдија дека Гумерзбах денеска беше подобриот противник.
Добрата вест доаѓа од Гдањск, каде што Ла Риоха беше блиску до победа, но мечот заврши со единствениот исход што теоретски му одговараше на Еурофарм Пелистер – нерешено.
Во преостанатите три кола, Гумерзбах влегува со четири бода, Гдањск исто така со четири, а Ла Риоха со три. Еурофарм Пелистер има освоено еден бод. Сепак, Шпанците трите бода ги освоија на гостински терен, а против Еурофарм Пелистер и Гдањск ќе играат на домашен терен.