-
14.10.2026
-
Македонски ракомет
Вечерва, во домот на полскиот вицепрвак Висла Плоцк, екипата на Вардар 1961 ќе го игра првиот меч за продолжување на надежта дека сезонава може да стигне до Главната фаза на Лигата на шампионите.
По комплетирањето на првиот круг, црвено-црните имаат нула бодови на салдото, додека трите ривали имаат по четири освоени бодови. Излез од моменталната ситуација и зачувување на теоретските шанси за првото или второто место се можни само со победа или реми во Полска. Пораз ќе значи и математичка елиминација и преселба во нокаут-фазата на ЕХФ Европската лига.
Каков е односот на силите меѓу екипите на Висла Плоцк и Вардар 1961, имавме можност да видиме минатата недела. Висла Плоцк во скопскиот пекол покажа ладнокрвност, класа и квалитет, поради кои оправдано сонува за Келн и „Ланксес Арена“.
Тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ, по мечот во Скопје изјави дека ја погрешил тактиката и презеде вина за поразот. Вечерва ќе има шанса да ги поправи работите, да постави поинаква тактика и да се обиде да го изненади својот шпански колега, Хавиер Сабате.
И Висла Плоцк нема сигурен пласман во следната фаза. Има ист број бодови со Нант и Мелсунген, па против речиси отпишаниот Вардар 1961, на домашен терен, не смее да си дозволи да загуби бодови.
Моќната одбрана на полскиот тим беше тестирана под висок притисок во Скопје. Висла играше и против четири бека без пивот, и против седум на шест, и против сѐ што во моментот успеваа да искреираат Чупиќ и вардаровите ракометари, но на крајот сепак излезе како победник. Тоа не е гаранција дека и во Плоцк ќе биде така, но сега Вардар имаше повеќе време и материјал за да се подготви за реваншот.
Натпреварот ќе се игра во вечерниот термин од 20:45 часот и ќе биде директно пренесуван на ТВ Арена Македонија. Во истиот термин во Нант ќе играат екипите на Нант и Мелсунген.
Ова не е европската сезона што се замислуваше на почетокот, кога резултатите од ждрепката беа дочекани со многу елан и оптимизам. „Нула од три“, при што два натпревара беа на домашен терен, е развој на настаните што покажува дека очекувањата не биле во согласност со реалноста.
И ова не се однесува само на Вардар 1961. Пред елиминација и крај на европската сезона уште во ноември е и Еурофарм Пелистер. Иако имаше (по)поволна ждрепка, по три натпревари има освоено само еден бод, додека екипата на ГРК Тиквеш, која мина „најдобро“ на ждрепката, веќе е елиминирана, и тоа од тим од Луксембург, и покрај тоа што двата натпревара ги играше на домашен терен.
Викендов ќе стартуваат и другите три екипи во ЕХФ Европскиот куп. Ќе играат Бутел Скопје, Алкалоид и ГРК Охрид, при што очекуваме во вкупниот скор на македонските екипи во Европа, кој во моментов е 1-1-6, да видиме повеќе запишани победи.