Алкалоид со победа ја најави европската премиера

РК АЛКАЛОИД – РК СТРУГА 33-22 (16-8)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Методија Илиевски и Михајло Илиевски. Делегат: Ерик Белимов
РК Алкалоид: Кизиќ, Галевски, Тордарсон 5, Сухолежник 1, Никола Костески 6, Стојковиќ 3, М. Митев 1, Ѓорѓиев 2, Велковски 2, Николов 4, Петковски 3, Д. Митев 5, Борзаш 1, Аларов, Ѓорѓовски
Седмерци: 6/7 Исклучувања: 12 мин.
РК Струга: Тутенкоски, Пајкоски 1, Петров 1, Костовски 1, Рајатоски, Јукиќ 1, Родиќ 4, Шилегов 5, Танкоски 1, Георгиевски, Димоски, Крстаноски 2, Манасков 4, Костоски 1, Симоновски 1, Костадиновски
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 18 мин.

Ракометарите на Алкалоид забележаа убедлива победа над Струга од 33-22 во натпревар од седмото коло во македонската Суперлига. За тимот предводен од Кирил Лазаров ова беше последна проверка пред првиот европски предизвик во новата сезона, во ЕХФ Европскиот куп.

Домашниот состав не губеше време и уште во првото полувреме го реши прашањето на победникот. По почетните 3-3, Алкалоид направи серија од 6-0 во периодот од осмата до 14. минута и се одлепи на убедливи 9-3. До паузата предноста порасна на осум гола (16-8).

На почетокот на вториот дел разликата за првпат стана двоцифрена (19-9), а Алкалоид продолжи да ја зголемува предноста. Во 44. минута домашниот тим ја достигна највисоката предност од 14 гола (27-13). Струга во завршницата постигна три гола по ред и го ублажи поразот, но победата на Алкалоид ниту во еден момент не беше доведена во прашање.

Никола Костески со шест и Улфар Тордарсон со пет гола беа најефикасни во победничкиот состав, додека Дамјан Митев исто така постигна пет погодоци. Мице Шилегов со пет гола беше најефикасен играч во гостинскиот тим.

Алкалоид сега се насочува кон европските обврски и двомечот со австриски Ферлах во ЕХФ Европскиот куп.