Фото: Денис Дуковски/ Турнир Охрид 2026
ВИСЛА ПЛОЦК – ВАРДАР 1961 33-32 (16-13)
Враќањето на Вардар 1961 во Лигата на шампионите по неколкугодишна пауза не мина во согласност со очекувањата. На две кола до крајот на Групната фаза, Вардар 1961 и математички ги загуби шансите за пласман во Главната рунда. Црвено-црните се веќе елиминирани и по завршувањето на оваа фаза ќе се преселат во ЕХФ Европската лига, каде што ги очекуваат екипи со покомпатибилен квалитет.
Иако во домашниот шампионат и воопшто во регионот Вардар 1961 изгледа доминантно, во Лигата на шампионите тоа не е доволно ниту за еден бод.
По четири одиграни кола, Вардар 1961 има четири нули, последната запишана вечерва на гостувањето кај Висла Плоцк.
Интересен натпревар одиграа полскиот вицепрвак и македонскиот шампион, многу различен од оној што го одиграа пред седум дена во Скопје. Средбата почна израмнето, десетина минути се играше гол за гол, по што одбраната на Висла почна да прави разлика на теренот. Вардаровите ракометари почнаа да грешат во нападот, следуваа контранапади и лесни голови, а тренерот Чупиќ двапати за кратко време бараше тајм-аут. Првиот пат во 12. минута, при резултат 8-5, а вториот во 18. минута, кога веќе беше 13-6. Во 21. минута го бележиме и највисокото водство на домашните (14-6).
Нападот на Висла Плоцк во тие моменти изгледаше како плејстејшн, но со постава во која беа Зарабец, Мелвин и Шита, во желбата да бидат и атрактивни, домашните станаа пребрзи и за самите себе. Почнаа да губат топки во нападот, а речиси и заборавија да играат во одбрана.
Вардар 1961 беше на работ на катастрофа, но не ја загуби главата, а олабавениот противник му сервираше убава шанса за враќање во натпреварот. Вардар почна да ја користи шансата и да постигнува лесни голови, што во првите 20 минути беше речиси невозможно. Натпреварот доби поинаков ритам, а додека домашните се созедоа, стигна полувремето, со резултат 16-13 на семафорот.
Во вториот дел немаше такви бранови. Висла успеа да стигне до плус пет, но Вардар 1961 не влезе во нова криза, туку успеа да ја одржи негативата на три до четири гола. Во еден момент, македонскиот тим тргна и кон пресврт. На семафорот беше 21-19, а за Вардар беше досуден пенал и шанса да се прекрши натпреварот.
Натпреварот навистина се прекрши во тој момент, но не на начинот на кој се надеваа вардаровите фанови и македонската ракометна публика.
Матео Фадуил, кој имаше реализација 11/11 од седум метри против Висла на претходниот натпревар, го промаши клучниот пенал. На ова се надоврза и директниот црвен картон на Абделхак, како и две промашувања на Кеита од сосема солидни позиции.
Потоа, Висла одново имаше плус три до плус четири, а сојузник ѝ стана и времето. Резултатската нишалка продолжи да функционира, но кога Бјере го постигна својот седми гол за водство од 33-30 во 59. минута, победникот беше решен.
До крајот, домашните повеќе мислеа на семафорот отколку на голот, па Вардар успеа да намали на еден гол разлика. Но, Висла ја имаше топката во посед во последните десетина секунди и внимателно го приведе мечот до крајот.