Вујо мајсторе, заврши со Катар

Заврши и вториот мандат на Веселин Вујовиќ на клупата на репрезентацијата на Катар. Поранешниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, не се договорил со катарската федерација за продолжување на соработката.
Камен на сопнување бил периодот на евентуалниот нов ангажман. Вујовиќ сакал да ги опфати квалификациите за Олимписките игри, Катарците сакале новиот договор да биде до крајот на СП 2027.

На крајот, ни по негово ни по нивно и дојде до разделба.
Веселин Вујовиќ го водеше Катар на СП во Хрватска, на кое играше и против Македонија. По тој мундијал се разделија, а летово одново седнаа да преговараат и се договорија за ангажман што го опфати Азискиот шампионат во Јапонија, на кој Катар играше во финалето и на крајот го освои второто место.

Малку позната информација е дека Катар преговараше за селектор и со македонскиот тренер Данило Брестовац кој беше тренер на Ал Араби. Тој договор не влезе во финална фаза затоа што не беа договорени финасиските детали.

Во моментов, најсериозен кандидат за селекторската позиција на Катар е познатиот шпански тренер Мартин Амброс, кој од февруари ја води екипата на Духаил.