Лазаров на клупата на јуниорите? Македонија мора да го искористи СП!

Селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, денеска првпат јавно коментираше за идејата, стара неколку месеци, да ја предводи и јуниорската репрезентација на Македонија на Светското првенство што следното лето ќе се одржи во Македонија.

„Разговараме на таа тема. Има таква опција. Тоа би бил еден нов предизвик. Но, зошто да не“, изјави Лазаров.


Клубовите од Автокоманда, односно осумте екипи на Алкалоид и Мулти Есенс, во моментов се најголемата фабрика за ракометари во Македонија и генерираат околу 50 репрезентативци во сите категории. Уште поголем е бројот на ракометари кои ротирале низ овие два клуба, биле дел од нивниот систем, минале една или повеќе сезони, а потоа од различни причини продолжиле во друг клуб.

Лазаров, кој е тренер на првиот тим и координатор на проектот во Автокоманда, постојано е во тек со случувањата во младинскиот ракомет во Македонија, па добро му се познати квалитетот и потенцијалот на македонските репрезентативци до 21 година.

Последниот голем настан за помладите генерации во машка конкуренција што се одржа во Македонија беше СП У19 во 2019 година. Тоа беше првенство на кое за првпат на мундијал настапија играчи кои денеска вредат милиони. Симон Питлик и Мартим Кошта, на пример. Но, во Скопје играа и Ахмед Хешам (Веспрем), Салвадор Салвадор (Спортинг), Мадс Хоксер (Алборг), Јулијан Кестер (Кил), Нилс Лихтлајн (Берлин), Филип Ахуансу (Вецлар), Хаукур Трастарсон (РНЛ), Даниел Фернандез (Барса), Омерик Зафаел (Берлин), Симон Лисе (ПСЖ) и Верон Начиновиќ (Кил).

Играа и ракометари кои подоцна стигнаа и во Македонија, како Домен Тајник, Саду Нтанзи, Косуке Јасухира, Стефан Петриќ, Шуичи Јошида, Матео Мараш и Џанфранко Прибетиќ.

Разочарувачки беше, на пример, слабиот интерес на клубовите организирано да ги донесат своите таленти на натпреварите. Ги немаше ниту нивните скаути за да препознаат играчи како Мартим Кошта, а потфрли, и тоа многу, и тренерската фела. Чест на исклучоците, но меѓу најредовните гости беа селекторот на сениорската репрезентација на Шпанија, Жорди Рибера, Данецот Јан Питлик и Лино Червар, кои по цели денови ротираа меѓу „Јане Сандански“ и „Борис Трајковски“.

РФМ најави поинаква кампања за следното СП, па ќе видиме што ќе произлезе од тоа. Би било штета ако се повтори 2019 година.

Иако првенството ќе се игра во лето, тоа не е оправдување за да се пропушти следното СП, затоа што би можело да биде уште поатрактивно од она во 2019 година. Гаранција дека ќе гледаме не само врвен јуниорски ракомет туку и многу ѕвезди кои наскоро би можеле да настапуваат во големите клубови се Маркос Фис, наследникот на Дика Мем во Барса, Словенецот Аљуш Анжиќ, ракометар кој веќе има колекција понуди од врвни клубови, како и Расмус Анкерман, кој веќе има бетонирано место во тимот на Кил. За Никола Рогановиќ од Гумерзбах веројатно не треба да трошиме зборови за најава.

Со споменувањето на овие ракометари, дел од нив веќе добро познати имиња, само загребавме по површината. Следниот мундијал во Македонија ќе биде вистински фестивал на ѕвезди, а Македонија мора да биде конкурентна и да ги извади на површина најдобрите. Би било идеално решение ако на клупата имаат ѕвезда која ја препознава целиот ракометен свет.