Лазаров: Се радуваме на новиот европски предизвик

По лошиот старт на македонските екипи во Европа, на сцена ќе стапат и екипите од кои очекуваме значително да го подобрат скорот на остварени победи на европската сцена. Меѓу нив се двата последни освојувачи на европски пехари за Македонија, екипите на Алкалоид и Охрид. Утре на сцената ќе го видиме Алкалоид, кој ќе го одигра првиот натпревар против австрискиот Ферлах во рамките на ЕХФ Европскиот куп, натпреварувањето во кое пред две сезони ја освои европската титула. Истовремено, екипата на Бутел Скопје ќе игра гостински натпревар во Хрватска, против тимот на Горица.

Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, знае што го очекува во ова натпреварување и најавува сериозен пристап и респект кон противникот, кој сезонава сè уште нема пораз во домашното првенство.


„Освојувањето на европската титула со домашен ростер, за млад клуб како Алкалоид, беше одлична работа. Се радуваме на новиот предизвик и ќе имаме максимален пристап на секој натпревар. Тоа ќе го барам и од играчите. Секогаш е задоволство да се игра во Европа, а меѓународните официјални натпревари на клупско ниво носат дополнителен квалитет на тимот и посебна мотивација“, вели Лазаров.


Ферлах се наоѓа на второто место во австриското првенство. По шест одиграни кола има три победи и три нерешени натпревари и е единствената екипа во лигата што досега нема пораз.


„Противникот доаѓа од држава чија национална селекција е во подем. Имаат искусни играчи со квалитетно минато. Добро се воиграни и имаат добар ракометен систем. Треба да имаме максимален респект кон Ферлах. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мораме да бидеме максимално фокусирани и дисциплинирани во сите 60 минути. Очекувам тврд натпревар со многу трчање и убави потези“, истакнува тренерот на Алкалоид.


За македонскиот тим, европските натпревари ќе бидат и можност за подигнување на натпреварувачката форма. Лазаров посочува дека токму вакви средби му недостасувале на тимот минатата сезона, а различниот стил на игра на европските противници бара постојано прилагодување и носи можност за дополнителен напредок.

„Нам ни се потребни меѓународни натпревари за подигнување на натпреварувачката форма. Минатата сезона ни недостасуваа токму ваков тип натпревари. По првенствениот натпревар со Струга од домашното првенство, имавме два дена квалитетно да се подготвиме за овој дуел“, вели Лазаров.


Првиот натпревар меѓу Алкалоид и Ферлах ќе се игра утре (сабота) во салата „Автокоманда“ во Скопје, со почеток во 19:00 часот. Директен телевизиски пренос е најавен на ТВ Арена Македонија.