​Франциско и Јотиќ со нови клубови, Тонесен се враќа дома


Поранешниот ракометар на Алкалоид, Франциско Силва, по заминувањето од Скопје кариерата ја продолжи во јужнокорејскиот СК Хокс, но заврши и таа авантура. Во следната сезона ќе настапува поблиску до Европа, на Блискиот Исток. Силва е претставен како нов ракометар на екипата на Ал Араби од Кувајт.

Хрватскиот бек Ловро Јотиќ, кој во Македонија настапуваше за Еурофарм Пелистер, Вардар 1961 и последно за ГРК Охрид, е претставен како нов ракометар на романскиот клуб Стеауа.

Јотиќ минатата сезона се повреди и долго време беше отсутен од теренот, поради што Охрид реагираше со ангажман на други ракометари.

Данскиот клуб Алборг за сезоната 2025/26 пријави позитивно бруто-салдо од околу 100.000 евра. Данците се пофалија дека позитивниот биланс е остварен и покрај зголемените трошоци за играчкиот ростер, проширувањето на клупската администрација и инвестициите во ВИП-објекти. Особено се горди што нивната сала е постојано исполнета, а на листата на чекање за сезонски билети има 1.000 луѓе.

Чешкиот десен бек Станислав Кашпарек го напушта Ал Араби, каде што до неодамна тренер беше Данило Брестовац, и ќе се пресели во редовите на нивниот најголем ривал во домашното првенство – Ал Духаил.

Норвешкиот десен бек Кент Робин Тонесен, ракометар кому честите повреди му ја „сецкаа“ кариерата, заминува од Фленсбург и се враќа во татковината. Според ТВ 2 Норвешка, во следната сезона Тонесен ќе настапува за Фјелхамер, клубот во кој ги направи првите ракометни чекори.