Алкалоид со едната нога веќе е во следната рунда на ЕХФ Европскиот куп. Победата од девет гола разлика над австрискиот Ферлах е доволно силна гаранција дека ќе го гледаме македонскиот тим и во третото коло, иако тоа ќе треба да биде потврдено во австрискиот „котел“, како што ја нарекуваат салата на Ферлах во Австрија.
Алкалоид оствари добар резултат, но на тренерот Кирил Лазаров не му „избегаа“ моментите во кои неговиот тим можеше и требаше да одигра поинаку.
„Имаме одличен резултат. Видовме дека Ферлах е добра, сериозна екипа и затоа сè уште немаат пораз во Австрија. Ние голем дел од натпреварот го одигравме во грч, посебно во нападот. Треба уште да работиме. Не сум задоволен од транзицијата и од нападот, мораме да бидеме попрецизни и ракометно подобро да одработиме.
На крајот имаме и преголема предност, девет разлика. Мислам дека гостите заслужија подобар резултат. Среќен сум поради резултатот, но знаеме дека сè уште не сме на нивото на кое сакаме да бидеме. Сепак, радува карактерот на екипата, кој на крајот ни ја донесе и оваа предност. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мислам дека ова добро ќе влијае и психолошки на нив.
Не сум задоволен од тоа колку брзо играме. Имаме и објективни причини, но ќе гледам да го подигнеме ритамот. Видовме дека и Ферлах игра брзо, на моменти беше и побрз од нас и беше доста опасен. Ќе треба да внимаваме и да се подобриме на тоа поле“, изјави тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.