Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе настапи на меѓународен турнир во Турција од 27 до 29 ноември, во рамките на подготовките за Европското првенство во 2026 година.
Пред заминувањето за Турција, репрезентативките ќе тренираат во Скопје, каде што стручниот штаб ќе работи на воигрувањето и подобрувањето на играта во двата правци.
„Овие подготовки ќе ги одработиме во Скопје. Ќе имаме осум до десет тренинзи што ќе ги искористиме за воигрување и подобрување на некои елементи во одбрана и во напад, што ќе ни користат за турнирот во Турција“, изјави селекторот Игор Марковиќ.
Македонските ракометарки на турнирот ќе одиграат три натпревари во три дена. Прв ривал ќе биде Финска, потоа следува дуелот со Италија, а последниот натпревар ќе го одиграат против домаќинот Турција.
До почетокот на континенталниот шампионат, репрезентацијата ќе има уште еден термин за подготовки.
Распоред на натпреварите:
27 ноември, 18:45 часот: Македонија – Финска
28 ноември, 16:30 часот: Италија – Македонија
29 ноември, 18:45 часот: Турција – Македонија