Трета нула за македонските јуниори

PHOTO: IHF/Kolektiff

МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД 28-34 (14-15)
Д. Узунчев 10, Стојановски 5, Димевски 4 – Ерлингсон 9, Харалдсон 6


Македонската јуниорска репрезентација го запиша третиот пораз по третиот одигран натпревар на Светското првенство У21 што се одржува во Полска.
По Фарски острови и Романија, подобар од македонскиот тим беше составот на Исланд, па Македонија во Президент Куп каде против Мароко и Мексико ќе чекаме прва победа ќе стартува со нула бодови.

Сосема нова реалност презентираа македонските јуниори на мундијалот од кој очекувањата по ланските настапи на ЕХФ Еуро беа многу поголеми. Тоа е што е, или македонските ракометари, не напредувале како што мислевме, можеби другите напредувале побрзо и повеќе, но како и да е, ова првенство ќе биде за брз заборав.

Ниту иднината на хартија не изгледа подобро, затоа што во нашите клубови место да се анализира, размислува и разговара за тоа како да се оствари напредок, подобри услови, поголема минутажа за младите играчи, кај нас почна да се размислува и разговара за зголемување на бројот на странци.

На денешниот натпревар со репрезентацијата на Исланд, македонските ракометари беа рамноправни десетина минути (5-6), а потоа островскиот тим направи серија од 5-0 и поведе со 11-5. До крајот на полувремето, македонските играчи покажаа дека имаат уште и карактер и знаење, па успеаја да ја анулираат оваа разлика, иако на полувреме заминаа со негатива, но само од еден гол (14-15).

Вториот дел, на ова првенство е послабиот за македонските играчи од причини што треба да ги анализира стручниот тим и нивните надредени. Како и да е, Исланд имаше подобар старт, направи 3-0 на почетокот и поведе со 18-14. Кратко потоа беше 20-15, па до 45 минута во рамки на 4-5 гола се движеше негативата. За кам бек во вториот дел немаше сила, Исланд поведе со 27-20, 30-22, 34-26, а со последните два гола на Даневски и Калајџиески, Македонија намали на 28-34 што беше и конечен резултат.

Димитар Узунчев постигна 10 гола од 15 обиди и беше најдобриот стрелец во нашиот тим, а го следеа Марио Стојановски со пет и Давид Димевски со четири гола. На спротивната страна, Елмар Ерлингсон, најдобриот исландски стрелец постигна девет гола.

Поврзани вести